Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, и директорката на Управата за јавни приходи ја формализираа соработката меѓу двете институции со потпишување на Меморандум за соработка.
Со Меморандумот се предвидува зајакнување на меѓусебната координација преку навремена, директна и взаемна комуникација, размена на суштински податоци и информации, како и подготовка и реализација на заеднички проекти со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка.


Целта на Меморандумот е да овозможи систематски и усогласен пристап во размената на податоци меѓу институциите. Во таа насока, на Управата за јавни приходи ќе ѝ бидат ставени на располагање податоците од геодетско-катастарскиот систем, како и други информации и активности од заемен интерес.


Потпишувањето на овој документ претставува континуитет и продлабочување на досегашната успешна соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи.
Директорот Живковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и истакна дека тој ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработката, преку взаемна поддршка и заедничко делување во исполнување на законските надлежности и остварување на заедничките цели на двете институции.



