Состанок на Советот на ЕУПОС – Берлин 2025

Состанок на Советот на ЕУПОС – Берлин 2025

Во периодот 21-22 октомври 2025 година, во Берлин, Република Германија, се одржа 11-тиот состанок на Советот на ЕУПОС, во организација на Сенатот на град Берлин – Одделот за урбан развој, градежништво и домување.

На состанокот зедоа активно учество претставници од институции од 15 европски земји (Германија, Унгарија, Полска, Романија, Чешка, Словачка, Словенија, Северна Македонија, Литванија, Летонија, Естонија, Холандија, Белгија, Обединетото Кралство и Грција), меѓу нив и претставници од Агенцијата за катастар на недвижности.

Во рамките на состанокот на Советот на ЕУПОС беа дискутирани теми поврзани со функционирањето и активностите на организацијата, додека пак на техничкиот дел од состанокот беа презентирани разни искуства од работењето на националните мрежи од перманентните ГНСС-станици и сервисите што им се нудат на корисниците. Меѓу другото, беа опфатени теми како што се:

  • надзор и детектирање извори на ГНСС-интерференција,
  • јоносферски и тропосферски влијанија врз ГНСС-мерењата,
  • колокација на ГНСС и ИнСАР,
  • искуства со користење на Галилео и БеиДоу системите,
  • функционирање и сервиси на германската САПОС мрежа,
  • проверка на координати на референтни станици и сервиси,
  • искуства во справување со последици од сајбер напад (Словачка),
  • новини кај производителите на ГНСС-апликации (Гео++, Албердинг …) и др.

Во рамките на состанокот, во делот наменет за презентирање на националните извештаи, претставниците од Агенцијата за катастар на недвижности имаа своја презентација за активностите во доменот на основните геодетски работи, со посебен акцент на статусот на МАКПОС-системот и идните развојни планови.

Како куриозитет на овој настан беше посетата на роботизираната станица за индивидуална калибрација на ГНСС-антени која се наоѓа во рамките на сенатската зграда.

Настанот заврши со донесување соодветни резолуции и со одлука следниот 12-ти состанок на Советот на ЕУПОС да се одржи во Варшава – Полска, во организација на Агенцијата за геодезија и картографија на Република Полска.

Накратко за ЕУПОС

ЕУПОС – Европскиот систем за позиционирање е меѓународна непрофитна иницијатива на јавни институции кои даваат услуги поврзани со ГНСС-позиционирање и навигација. Основан е во март 2002 година во Берлин, Република Германија, на иницијатива на Сенатот на град Берлин. На основачкото собрание учествуваа 12 земји од Централна и Југоисточна Европа, меѓу кои и Република Македонија.

Основната цел на ЕУПОС е олеснување и давање поддршка при воспоставувањето  и функционирањето на мултифункционалните системи на ГНСС-референтните станици, врз основа на заеднички стандарди, како и создавање заеднички производи и услуги за потенцијалните корисници.

ЕУПОС дејствува како паневропска организација на даватели на ГНСС-сервиси, го претставува заедничкиот интерес на нејзините членки и соработува со други меѓународни организации и научни институции кои дејствуваат во областа на ГНСС-технологиите.

Во ЕУПОС членуваат повеќе од 20 национални агенции и институции од областа на геодезијата од Централна и Југоисточна Европа, меѓу кои и Агенцијата за катастар на недвижности.