Продолжување и продлабочување на соработката помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Градежниот факултет – УКИМ

Продолжување и продлабочување на соработката помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Градежниот факултет – УКИМ

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности оствари средба со новоизбраниот декан на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Јосиф Јосифовски, со цел да се продолжи и продлабочи соработката помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Градежниот факултет.

Средбата беше фокусирана на продолжување и унапредување на долгогодишната соработка помеѓу двете институции, со посебен акцент на овозможување практична настава за студентите од катедрата по геодезија, како и реализација на други заеднички проекти. Целта е студентите не само теоретски, туку и практично да се запознаат со секојдневната работа на геодетите во рамки на Агенцијата, што претставува значаен чекор кон нивна подобра професионална подготовка.

Дополнително, беше отворена дискусија за можноста за изнаоѓање на законско решение со цел најдобрите дипломирани студенти по геодезија да добијат можност за вработување во Агенцијата веднаш по завршувањето на студиите.

Соработката ќе продолжи и во обратна насока – Градежниот факултет заедно со АКН ќе организира обуки за вработените геодети во Агенцијата, со што ќе се овозможи нивно постојано стручно усовршување и следење на најновите трендови и знаења во областа.