Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски оствари средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации, кои ќе помогнат при креирање на нови мерки за полесен пристап до кредити за прв стан.


На средбата е изразена подготвеноста на Агенцијата за катастар за интензивна соработка со Народната банка, нагласувајќи дека податоците за пазарните трендови се клучни за формулирање на ефективни мерки. Дополнително на средбата директорот на Агенцијата за катастар на недвижности истакна дека веќе се работи на повторно воспоставување на Регистарот на цени и закупнини, кој во минатото беше целосно прекинат.


Во наредниот период ќе биде потпишан меморандум за соработка, со кој ќе се обезбеди подобра и побрза размена на информации и ќе се зајакнат аналитичките капацитети за следење на пазарот. Заеднички се согласивме дека оваа соработка ќе придонесе за поефикасна поддршка на граѓаните, особено младите и брачните парови, во решавањето на нивното станбено прашање.



