Извршено поврзување на нивелманските мрежи од висока точност на Република Северна Македонија и Република Србија

Извршено поврзување на нивелманските мрежи од висока точност на Република Северна Македонија и Република Србија

Следејќи ги европските практики, а во духот на меѓусебно потпишаниот меморандум за соработка, Агенцијата за катастар на недвижности и Републичкиот геодетски завод на Република Србија спроведоа активности и извршија поврзување на нивелманските мрежи од висока точност на Република Северна Македонија (НВТ3) и на Република Србија (РНМ).

Целта на поврзувањето на нивелманските мрежи е да се надминат проблемите кои се јавуваат при реализацијата на проектите од прекуграничната соработка, пред се оние од областа на заштитата на животната средина, управувањето со кризи, просторното планирање, реализацијата на инфраструктурни објекти и слично, а кои се резултат на неусогласеноста на висинските системи на двете држави.

Приказ на локацијата на реперот за врска

Поврзувањето на нивелманските мрежи е реализирано на еден заеднички репер кој е стабилизиран на граничниот премин Табановце-Прешево и е поврзан со најблиските репери од двете страни на државната граница, преку спроведување на соодветни нивелмански, GNSS и гравиметриски мерења.

Стабилизацијата на заедничкиот репер, означен како NM1786, спроведувањето на сите неопходни геодетски мерења за негово просторно одредување, како и обработката на податоците од мерењата, извршени се од страна на стручни лица од Секторот за геодетски работи при Агенцијата за катастар на недвижности и Гео Секторот при Републичкиот геодетски завод.

Спроведување нивелмански мерења

Како резултат на извршената обработка на податоците, одредена е висината на заедничкиот репер (NM1786) во официјалните висински системи на Република Северна Македонија (висински датум – средно ниво на Јадранското Море измерено на мареографот во Трст, епоха 1875.0) и Република Србија (висински датум – средно ниво на Јадранското Море одредено врз основа на мерења спроведени на мареографите во: Копар, Ровињ, Бакар, Сплит, Дубровник и Бар, епоха 1971.5). Разликата на добиените висини на заедничкиот репер всушност претставува и разлика меѓу висинските системи на двете држави. Оваа разлика изнесува +0.38 m (македонски висински систем – српски висински систем) и истата понатаму треба да се има во предвид при изготвувањето и реализацијата на проектите од прекуграничната соработка, во сите оние области каде што се користат геопросторни податоци.