Агенцијата за катастар на недвижности го обнови сертификатот за менаџмент со квалитет, согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015. Сертификатот е обновен по успешно спроведената ресертификациска проверка и претставува потврда за квалитетното, професионално и одговорно работење на Агенцијата. Поседувањето на овој сертификат е во корелација со определбата на АКН да работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати, а е обврска според Законот за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето услуги во државната служба.
ISO 9001 ги специфицира основните барања за систем за управување со квалитет што организацијата мора да ги исполни за да ја демонстрира својата способност постојано да обезбедува производи и услуги кои го зголемуваат задоволството на клиентите и ги задоволуваат применливите законски и регулативни барања. За ISO 9001 е потребен документиран систем за управување со квалитет, со кој на организацијата ѝ се овозможува минимален број на потребна документација за ефективно планирање, работење и контрола врз процесите, нивна имплементација и континуирано подобрување на ефективноста на системот за управување со квалитет.
Поседувајќи го потребниот систем, Агенцијата за катастар на недвижности ги исполни условите за добивање на сертификатот и ја докажа својата определба дека се грижи за своите корисници и дека за нив ја обезбедува соодветната услуга. Исто така, се потврдува ефикасната примена на системот на квалитет при работата со корисниците, партнерите и другите заинтересирани странки.



