Состанок на Работната група за интеграција на статистички и геопросторни информации

Состанок на Работната група за интеграција на статистички и геопросторни информации

Претставници од Агенцијата за катастар на недвижности заедно со претставници од Државниот завод за статистика учествуваа на состанокот на Работната група за интеграција на статистички и геопросторни информации кој се одржа во Луксембург на 12 и 13 март 2024 година.

На состанокот учесниците беа информирани за потребата и значењето од поврзувањето на информациите од двете институции, како и за иницијативите кои се преземаат во оваа насока од страна на телото за глобално управување со геопросторни информации во рамките на Обединетите нации (UN-GGIM Европа), во кое членува Агенцијата за катастар на недвижности.

Дел од европските земји кои ги имаат поврзано податоците од двете институции, преку презентации го споделија своето искуство, предизвиците со кои се соочиле при поврзувањето на податоците, применетите стандарди, како и употребата на вештачката интелигенција во процесите. Притоа ја истакнаа потребата од развој на стратегија и политики во оваа област, особено поради фактот што интеграцијата на статистичките и геопросторните информации не е регулирана со посебна директива, па затоа е потребно ова прашање да се постави како точка на дискусија на наредниот состанок на Комитетот на експерти на Обединетите нации за глобално управување со геопросторни информации (UN-GGIM Европа).

Состанокот се одржа под покровителство на Еуростат, институција која ги координира статистичките активности на ниво на Европската Унија и Европската комисија.