Агенцијата за катастар на недвижности и Министерството за животна средина и просторно планирање, на 15 декември 2023 година склучија меморандум за соработка кој пред сè ќе се реализира во областа на геодетско-катастарскиот информациски систем, националната инфраструктура на просторни податоци и националниот информативен систем за животна средина.


Министерката за животна средина и просторно планирање г-ѓа Каја Шукова и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности д-р Борис Тунџев го потпишаа овој акт кој двете институции ги обврзува на соработка при размената на податоци и информации од областа на геодезијата, картографијата, катастарот на недвижности, ГИС, ЛиДАР и НИПП, размена на податоци за заштитените подрачја во државата, размена на податоци за мониторинг на животната средина во државата, размена на податоци за хидрографијата во државата, размена на веб сервиси („WMS“ сервис за катастарските парцели и топографските карти во размер од дистрибутивниот систем на Агенцијата за катастар на недвижности, „WMS“ сервиси за заштитени подрачја и мониторинг на животната средина од националниот информативниот систем за животна средина, како и размена на знаење и искуства и меѓусебна техничка поддршка.
Агенцијата за катастар на недвижности ќе обезбеди обуки за вработените на Министерството за животна средина и просторно планирање за пристап и користење на сервисите кои таа ги нуди. Исто така, двете институции заеднички ќе учествуваат и ќе се претставуваат на домашни и меѓународни конференции, конгреси, форуми и симпозиуми.



