Картографијата и географските информациски системи, како и основните географски и геодетски работи, премерот на недвижности, топографските карти, националната инфраструктура на просторни податоци, управувањето со геодетско-катастарскиот информациски систем, катастарот на недвижности, масовната проценка на недвижностите, Регистарот на просторни единици и други области кои се во надлежност на двете институции се предмет на овој Меморандум кој на 14 ноември 2023 година, го потпишаа директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, д-р Борис Тунџев и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, проф. д-р Дејан Мираковски.


Соработката ќе се реализира преку размена на информации за активностите на институциите; ќе биде остварена соработка при спроведувањето на практичната настава на студентите од Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип; ќе биде организирана и спроведена практична настава на студентите на прв, втор и трет циклус кои ќе се запознаат со работните процеси на АКН (процесите на изработка на топографските карти, основните геодетски работи, дигитализацијата, развивањето на GIS-системите, мапирањето на кризи, ризици и катастрофи и друго);


Двете институции ќе определат тимови на предавачи за теми кои се од значење за двете институции, за спроведување на наставата на студентите и ќе бидат oрганизирани работилници за промоција на заедничките програми за соработка;
Агенцијата за катастар на недвижности и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип заеднички ќе учествуваат и ќе се претставуваат на домашни и меѓународни конференции, конгреси, форуми, симпозиуми и работилници, како и пред одредени меѓународни организации и ќе разменуваат научни и технички информации.



