Агенцијата за катастар на недвижности овозможи бесплатен пристап и користење на софтверот за трансформација на координати – МАКТРАН

Агенцијата за катастар на недвижности овозможи бесплатен пристап и користење на софтверот за трансформација на координати – МАКТРАН

Агенцијата за катастар на недвижности ги известува сите професионални корисници и други заинтересирани физички и правни лица дека почнувајќи од 1.11.2023 година користењето на софтверот за трансформација на координати – МАКТРАН е без плаќање на надоместок.

Со воведувањето на бесплатно користење на софтверот за трансформација на координати – МАКТРАН, Агенцијата за катастар на недвижности сака да даде свој придонес кон подигање на квалитетот на податоците и воедначување на работењето на трговците поединци и трговските друштва за геодетски работи, како и на сите останати субјекти кои што користат GNSS технологија во постапките на премерување, а при обработката на податоците вршат трансформација на координати од глобален во државен координатен систем и обратно.

Пристапот до софтверот е овозможено преку соодветна веб апликација до која се пристапува на следниот линк: https://maktran.katastar.gov.mk/wmaktrans/Login.aspx

За добивање на кориснички пристап до софтверот МАКТРАН заинтересираните корисници потребно е да се обратат до Агенцијата за катастар на недвижности, преку електронската адреса geodetski.raboti@katastar.gov.mk, по што истите ќе бидат регистрирани како корисници и ќе добијат свое корисничко име и лозинка за пристап до софтверот. Упатството за користење на софтверот МАКТРАН може да се преземе од веб страната на Агенцијата за катастар на недвижности, на следниот линк.

Софтверот МАКТРАН е наменет за вршење стандардна и датумска трансформација на координати на територијата на целата држава. Стандардната трансформација на координати ги опфаќа сите можни трансформации помеѓу геодетските координати, правоаголните геоцентрични координати, координатите во Гаус-Кригеровата проекција и координатите во Универзалната трансверзална Меркаторова проекција, додека пак датумската трансформација ги опфаќа трансформациите “од“ и “во“ државниот координатен систем заснован на Беселовиот елипсоид, Меѓународниот терестрички референтен систем 1989 (ETRF89) и Меѓународниот терестрички референтен систем 1989 (ETRF2000). Начинот на трансформација на координати се базира на примена на класичната Хелмертова трансформација и додавање на соодветни гридни корекции, зависно од положбата на точките кои се предмет на трансформација.

Согласно извршените анализи, точноста на трансформацијата на координати која што ја обезбедува софтверот МАКТРАН во 2D изнесува +/- 0.10 m, што го прави софтверот погоден за користење за катастарски потреби, додека пак  точноста на трансформацијата во 3D изнесува         +/- 0.45 m, што е соодветно за одреден тип на апликации, но не и за катастар или пак изготвување на ажурирани геодетски подлоги.

Дополнителни информации во врска со пристапот до софтверот за трансформација на координати – МАКТРАН и начинот на негово користење може да се добијат во Секторот за геодетски работи при Агенцијата за катастар на недвижности, со обраќање преку електронската адреса geodetski.raboti@katastar.gov.mk или на телефон 02 3204 812.