Почитувани корисници на услугите на ОССП-порталот, Ве известуваме дека Агенцијата за катастар на недвижности ги стави во примена WFS ver.2.0 (Web Feature Service) услугите кои овозможуваат директно преземање на состојбата на податоците од катастарските планови. Станува збор за стандарден протокол за преземање множества на геопросторни векторски податоци преку интернет кои се генерираат од базата на електронскиот катастар (е-кат). Податоците од WFS услугата се достапни за слојот катастарски парцели и слојот катастарски згради/објекти и тие се организирани во согласност со територијалната распространетост на единиците на локалната самоуправа – општините.


Имено, WFS услугите овозможуваат онлајн користење и/или преземање на векторските податоци од катастарските планови за територијата на сите 80 единици на локалната самоуправа и истите се достапни на ОССП-порталот во категоријата „Сервиси“, преку опција која дозволува да се избере една или повеќе општини. За користење на услугата корисникот потпишува договор чија содржина е достапна на ОССП-порталот. Надоместокот за користењето на услугата е во согласност со Тарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем, како и за издавање на овластување за изработка на картографски производи и за висината на надоместокот за издавање на согласност за ставање во употреба на картографскиот производ.



