На 3 јули 2023 година започна премерот на главните гранични столбови од македонско-грчката државна граница со примена на ГНСС (Global Navigation Satellite Systems) технологија.
Премерот го вршат по три тима од Агенцијата за катастар на недвижности, од македонска страна и од Воено-географската служба, од грчка страна. Се применуваат современи ГНСС уреди и се користи статичка метода на мерење.


Годинава е планирано да се изврши премер на 90 гранични столбови (од вкупно 177), а преостанатиот дел треба да се доврши во текот на 2024 година.
Целта на оваа операција е да се одредат координати на граничните белеги во меѓународен координатен систем, со геодетска точност, која што ќе овозможи нивна широка примена во геодетско-картографската дејност. Последниот премер на овој дел од државната граница бил во осумдесеттите години од минатиот век. Биле применети класични геодетски методи на мерење, а координатите на граничните белеги се одредени во државните координатни системи на двете земји. Тие имаат локален карактер и се со ограничена примена.
Активностите од македонската страна се одвиваат во координација со Министерството за надворешни работи, а со поддршка од граничната полиција и хеликоптерската единица при Министерството за внатрешни работи.



