Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, од 2005 година во континуитет, преку Шведската меѓународна развојна агенција, добива поддршка од страна на кралството Шведска. Поддршката се однесува на подигањето на функционалностите на АКН на повисоко ниво и тоа преку осовременување на еКатот, МАКПОС системот, изготвување на повеќе студии. Беше реализирана помош и во воспоставувањето на ИТ секторот, како и подигањето на свеста за Националната инфраструктура на просторни податоци. Со сево ова, АКН ги подобри своите сервиси и работни перформанси, од што директен бенефит имаат граѓаните на нашата држава.
Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Лантматериет (Шведскиот катастар) во 2018 година добија финансиска поддршка од Шведската меѓународна развојна агенција за имплементација на проектот „Соработка за дигитална демократија“. На 27 јуни, 2023 година, на пригоден настан, проектот „Соработка за дигитална демократи-ја“ ги сумираше резултатите на крајот од проектниот циклус. На настанот поздравни обраќања, имаа, Н.Е. г-ѓа Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска и г. Борис Тунџев, генерален директор на АКН, како и Микаел Лиље, раководит-ел на меѓународниот оддел во Лантматериет.


Целта на проектот „Соработка за дигитална демократија“ беше да придонесе и да влијае во зајакнувањето на капацитетите во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, со развиени деловни практики, со овозможена размена на високо квалитетни и ажурирани дигитални податоци, а преку нови и подобрени услуги во зајакната демократија, како придонес кон непречена ЕУ интеграција и подобрени услови за живот на сите жители на Македонија.
Вкупниот износ на донацијата е 23 710 406 шведски круни (околу 2.5 милиони евра). Проектот беше реализиран во периодот 2019 – 2023 година преку пет компоненти: воспоставување единствен, точен и одржлив систем на Адресен регистар; Воспоставување, развој и одржување на модерна геодетска инфраструктура; Одржлива организација на ИКТ-секторот во АКН; Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) со ажурирани, точни и добро одржувани просторни податоци; Скенирани и дигитализирани архивски документи.


Следните два дена, на 28 и 29 јуни, 2023 година беа организирани интерни работилници на проектот „Соработка за дигитална демократија“.
Работилницата на 28 јуни 2023 година беше фокусирана на имплементација на проектот, се дискутираше за проектните резултати, што беше реализирано, кои беа позитивните, а кои негативни страни од имплментацијата и дали можеше подобро. Кои се научените лекции и кои новини во АКН ги донесе проектот.
На 29 јуни 2023 година, работилницата беше фокусирана на идните планови и активности во рамките на петте компоненти. Консултантите дадоа препораки на АКН, како да се продолжи понатаму, за проектните резултати и внатрешни иницирани процеси да продолжат во институцијата и тие да останат одржливи.
Подготвените планови за активности по компоненти ќе бидат основа за изготвување на Годишната програма за работа на АКН за 2024 година и ќе бидат основа за ажурирање на стратешкиот план на АКН со нови проекти и приоритети.



