Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, во работна посета на Крушево

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, во работна посета на Крушево

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, вчера, на 30 мај, 2023 година, беше во работна посета на Крушево, каде што се одвиваат градежни, реставраторски и конзерваторски интервенции на Одделението за катастар на недвижности – Крушево. Во период додека трае реновирањето Одделението за катастар на недвижности (до октомври 2023 година) ќе функционира во објектот во простории на „Градскиот пазар“ на улица „Илинденска“ б.б. Крушево. Просториите на Крушевското одделение на АКН се наоѓаат во зграда на ул „Никола Ѓурковиќ“ бр.16 која е заштитена со Законот за културно наследство и затоа таа се обновува со посебен пристап и внимание.

Оваа година Крушево ја одбележува 120 годишнината од Илинденското востание, со што се дава посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го град на културата за сите домашни и странски посетители. На средбата на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, г. Борис Тунџев, со градоначалникот на Крушево, г. Томе Христоски беше разговарано за овој голем јубилеј, а во тој контекст беше поздравен напредокот на градежните активности на објектот од историска важност, во кој е сместено Одделението за катастар на недвижности – Крушево.

Исто така, Крушево е град на културата за 2023 година и факт е дека тоа што со љубов сме го наследиле од предците, со љубов треба и да го предадеме на идните генерации. Затоа, Агенцијата за катастар на недвижности се надева дека со својот придонес во реновирањето на објектот во кој се сместени просториите на Крушевското одделение ќе засвети со нова убавина проткаена со богатата историја и култура што овој вековит град ги поседува и дека ќе биде само уште една нишка од везот што овој град го ткае со векови.