На 15 и 16 ноември 2022 година во Љубљана, Република Словенија, се одржа осмиот технички состанок на EUPOS. На состанокот учествуваа претставници од повеќе европски земји, меѓу кои и претставници од Агенцијата за катастар на недвижности.
EUPOS – eвропскиот систем за позиционирање, е меѓународна непрофитна иницијатива на јавни институции кои даваат услуги поврзани со GNSS позиционирање и навигација. Основан е во март 2002 година во Берлин – Германија. На основачкото собрание учествувале 12 земји од Централна и Југоисточна Европа, меѓу кои и нашата држава.


Домаќин на техничкиот состанок на EUPOS оваа година, беше Геодетска управа на Република Словенија. На состанокот беше дискутирано на теми поврзани со искуствата за мерења со Galileo и BeiDou сателитските сигнали, како и комбинацијата на GNSS/InSAR сигналите. Избрани се нови членови на управниот одбор и претседател на EUPOS.
Во делот наменет за национални извештаи, Агенцијата за катастар на недвижности имаше своја презентација за досегашниот развој на GNSS референтната инфраструктура и идните планирани активности во таа област.



