На 17 и 18 ноември 2022 година, во Осло – Норвешка, во организација на норвешката Агенција за геодезија и картографија (Statens Kartverk) се одржа завршната средба во рамките на проектот „Регионален геоид на балканските земји“. Проектот е отпочнат во 2018 година и е финансиран од Владата на Кралството Норвешка, а во неговата реализација се вклучени: норвешката Агенција за геодезија, картографија и катастар како координатор и имплементатор на проектот и националните агенции за геодезија, картографија и катастар од Република Словенија, Република Хрватска, Република Босна и Херцеговина, Република Србија, Република Албанија, Република Косово и Република Северна Македонија, кои се приматели на поддршката од норвешка страна. Главна цел на проектот е преку размена на знаења и искуства да се зајакнат капацитетите на земјите учеснички во доменот на одредувањето на геоидот и да се создадат предуслови за утврдување на заеднички регионален геоид со точност неопходна за негова примена во геодетската практика.


Средбата беше организирана во форма на работилница на којашто учесниците имаа можност да се стекнат со дополнителни теоретски и практични знаења поврзани со одредувањето на геоидот за определена територија. На работилницата е дискутирано за податоците кои се неопходни во процесот на пресметување на геоидот, за нивниот квалитет, како и за чекорите кои се применуваат во пресметковниот процес. Од страна на експерт од норвешката Агенција за геодезија и картографија практично е презентирана постапката на пресметувањето на геоидот со користење на софтверскиот пакет GRAVSOFT и одреден сет податоци. Следуваа презентации на земјите учеснички за статусот на националната геодетска инфраструктура и плановите за нејзино осовременување, а работилницата е завршена со заедничка дискусија за идна соработка во доменот на геодезијата.



