Во рамките на проектот „Соработка за дигитална демократија“, кој содржи 5 компоненти, а кој го спроведува македонската Агенција за катастар на недвижности и Лантматериет од Шведска, делегација на НИПП компонентата ја оствари предвидената студиска посета на Шведска. Целта на оваа посета беше да се согледаат можностите за подобрување на координацијата на Националната инфраструктура на просторни податоци, да се споредат актуелните состојби во двете земји и да се планира натамошниот развој во нашата држава, како во врска со ИНСПИРЕ директивата, која е заснована на инфраструктурата на просторните податоци, така и кон целосно согледување на можностите и важноста на комуникациите во однос на соработката која ја остварува НИПП.


Во богатата агенда на средби, презентации и разговори, прва беше посетата на Геолошкиот завод во Упсала. Покрај презентацијата за состојбите и работата на Геолошкиот завод, посебен осврт беше направен на доставувањето на податоците до националната и меѓународната инфраструктура на просторни податоци, за сегашната нејзина состојба и планираната иднина.
Во Јавле, каде што е сместено седиштето на Лантматериет, покрај деталното запознавање со работата на шведскиот катастар, посебен осврт беше даден на искуството со ИНСПИРЕ имплементацијата во Шведска, моделот на дистрибуција на податоците во Шведска, бизнис моделот и развојот на Лантматериет, како и комуникациите во рамките на НСДИ. Беше презентирана шведската Стратегија за НИПП за 2021-2025 година, бизнис моделот за НИПП, имплементацијата на отворените податоци, секојдневната комуникација со НИПП субјектите, како и статусот со имплементацијата на ИНСПИРЕ директивата во Шведска и актуелното ажурирање на регулативите.


Центарот за грижа за корисниците беше посебно интересен како модел на интеракција помеѓу вработените во Лантматериет и корисниците. Добро развиената процедура дава одлични можности да се добие секој вид на потребна информација и насока за спроведување на потребните активности за остварување на секое барање на граѓаните кои имаат потреба од услугите и информациите на Лентматериет.
Последната средба беше организирана со претставниците на општината во рамките на Стокхолм, Упландс Васби, која исто така предизвика голем интерес, затоа што ја отсликуваше практичната имплементација на соработката помеѓу општините во однос на аерофотограметриските податоци како и улогата во дигитализацијата и инсфраструктурата на просторните податоци.
За претставниците на Националната инсфраструктура на просторни податоци од Република Северна Македонија, ова искуство е од непроценлива важност за понатамошното унапредување на сопствените капацитети, стратегии и воопшто во креирањето на просторните податоци кои се од корист за целокупното општество.



