Промотивна, јавна расправа за новите законски решенија од областа на геодезијата, премерот и катастарот на недвижности и водењето регистри

Промотивна, јавна расправа за новите законски решенија од областа на геодезијата, премерот и катастарот на недвижности и водењето регистри

Агенцијата за катастар на невижности, на 9 јуни 2022 година, одржа стручна расправа, во соработка со Министерството за правда, а во однос на новите законски решенија од областа на геодезијата, премерот, кастастарот на недвижности и водењето регистри. Беа разгледани Предлог Законот за геодетска дејност и Предлог Законот за премер, катастар на недвижности и регистри, кои се законски решенија кои до сега ги обединуваше постоечкиот Закон за катастар на недижности. Овие нови законски решенија треба да донесат олеснети процедури за граѓаните, подобрени сервисни услуги за бизнис заедницата и за професионалните корисници.

Според Заменик министерот за правда, Агим Нухиу, потребата од реформа во оваа област е нужна за да се одговори на промените во геодетската област. Тој рече: „Денеска почна јавната стручна расправа во однос на новиот закон бидејќи има потреба за правна сигурност, односно да имаме правен ред кој ќе биде јасен и неконтрадикторен во однос на имотно правните прашања. Ќе следат и други јавни расправи, а потоа ќе иницираме постапка во Владата, по што законите ќе одат и во собраниска процедура“.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев, истакна дека станува збор за сосема ново решение кое се разликува во повеќе сегменти од постојниот закон: „На граѓаните ќе им биде овозможено да вложат жалба во второстепена постапка, што досега не беше случај и тие беа изложени на непотребни судски трошоци, со постапки пред Управниот суд кои што траеја премногу долго. Ние во Агенцијата за катастар на недвижности обезбедуваме нови сервиси и воведуваме сосема нови решенија за вршење на геодетската дејност што ќе донесат новини во функционирањето на оваа професија во земјава.

Ќе имаме уште неколку дебати со професионалните здруженија и корисници за да направиме нови, квалитетни, законски решенија. Сите мислења, ставови и сугестии треба да придонесат за подобрување на предложените законски решенија и да бидат во интерес на граѓаните и бизнис заедницата. Постапката за запишување поврзува повеќе субјекти како што се општините, министерствата, нотарите, извршителите и сетоа тоа е поврзано со носителите на правата на сопственост и катастарот како јавна книга“.

Со донесувањето на Законот за геодетска дејност, ќе се направи целосно усогласување со директивите на Европската комисија, иако Агенцијата за катастар на недвижности, има имплементирано голем дел од директивите кои се однесуваат на просторните податоци. Ќе се направи усогласување и во функционирањето на приватната геодетска дејност, а ќе се осовременат и дигиталните процеси во АКН. Така што, главни придобивки од новите прописи ќе бидат полесни процедури за граѓаните, поефикасни сервисни услуги за бизнис заедницата и новитети и повисок квалитет во дигиталното работење и услуги на Агенцијата за катастар на недвижности.