Активности во рамки на проектот „Соработка за дигитална демократија“

Активности во рамки на проектот „Соработка за дигитална демократија“

Во период од 4 до 12 Мај 2022 година беше реализирана мисија со преставници од Лантматериет, на која се приклучија и претставници од Сида и Шведската амбасада, а на која беше направена годишна проценка на имплементацијата на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Во рамките на мисијата беа одржани бројни средби и работни состаноци со претставници од Агенцијата за катастар на недвижности, општините вклучени во процесот на валидирање на теренски прибраните податоци кои ќе бидат основа на идниот адресен регистар, субјектите од НИПП и многу други засегнати страни.

На 12 Мај 2022 година беше одржан годишниот состанок за осврт на резултатите на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Состанокот го отвори директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, а на него присуствуваше и Микаел Атерхог одговорен за развојна соработка при Амбасадата на Шведска во Македонија, претставници од Сида и претставници од Лантматериет. На состанокот, покрај за досегашните резултати и научените лекции од имплементација на проектот, за моменталниот статус, беше разговарано и за предизвиците, продолжување на соработката и за идните планови, беше разгледан годишниот извештај за 2021 година, годишниот проектен план за 2022 како и извештајот за квалитет и можните ризици предизвикани од различни влијанија.

Инаку, бројни заеднички состаноци со сите пет компоненти и делот за комуникации беа организирани во рамките на последната мисија на Шведските колеги со кои Агенцијата за катастар на недвижности соработува на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Мисиите беа реализирани согласно годишниот проектен план за 2022 година. Проектот е финансиран од Шведска и неговата цел е да придонесе и да влијае во зајакнувањето на капацитетите во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија.

Целта на мисијата на колегите од Лантматериет беше годишен состанок на кој беше согледан прогресот на активностите на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Во рамките на оваа посета, беше направен мониторинг и евалуација над имплементацијата на проектот. Претставници од Агенцијата за катастар на недвижности, Шведската меѓународна развојна агенција и Лантматериет остваријa теренска посета на општината Чашка и населеното место Бањица, во која се започнати активностите за воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви. Дел од активностите за теренско прибирање на потребните податоци за улици и куќни броеви се поддржани од Шведска. Исто така и посетата на амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија беше во рамките на овие активности.

Беше направен посебен осврт и увид во процесот на воспоставување на теренското прибирање на податоците и вклучувањето на општините во процесот. Беа реализирани обуки и целосна анализа на постигнатото и она што треба да се направи во рамките на компонентие: „Геодезија“, „Воспоставување единствен, точен и одржлив систем на Адресен регистар“, „ИКТ“ и „Скен центар“. Редовната мисија за евалуацијата на „НИПП“ ја водеа претставници од Лантматериет, а на состаноците беа вклучени и претставници на НИПП субјектите. Менаџерот за осигурување на квалитет од Шведска одржа посебни состаноци со координаторите на сите пет компоненти и за комуникации.

Сите компоненти заедно присуствуваа на работилницата која ја спроведоа Шведските експерти, а беше водена од страна на одговорниот менаџер за осигурување на квалитет од Лантматериет и се однесуваше на статусот на целиот проект и како да се подобрат понатамошните активности.