Посета на општината Чашка, каде се започнати активностите за воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви

Посета на општината Чашка, каде се започнати активностите за воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви

Проектот „Соработка за дигитална демократија“ содржи пет различни компоненти и е финансиски поддржан од Шведска. Една од компонентите е и „Воспоставување на единствен, ажурен и одржлив адресен регистар“. До сега, со процесот на теренско прибирање на податоци се опфатени 51 општини, голем дел од нив ги следеа обуките за валидација на податоците и се веќе во фаза на валидација. Дел од активностите за теренско прибирање на потребните податоци за улици и куќни броеви беа поддржани од Шведска.

На 4 Мај 2022 година, претставници од Агенцијата за катастар на недвижности, Шведската меѓународна развојна агенција, како и Лантматериет – сeстринската партнер организација од Шведска со која АКН соработува на овој проект, имаа теренска посета на општината Чашка и населеното место Бањица, во која се започнати активностите за воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви, кој е основа за формирање на Адресен регистар.

На работниот состанок со градоначалникот на општина Чашка – Горан Стојановски, беше разговарано за преземаните активности и беше констатирана состојбата со досегашниот процес на теренско прибирање на податоци за улици и куќни броеви во општината. Според градоначалникот, крајна цел на општината е секое населено место на територијата на општина Чашка да има валидирани куќни броеви и имиња на улици, добиени од теренско прибирање на податоци. Според него, ова е проект од големо значење за општината.

Претставниците на Агенцијата за катастар на недвижности, Шведската меѓународна развојна агенција и од Лантматериет го изразија своето задоволство од посветеноста на општината во врска со прибирањето на податоци за улици и куќни броеви и мотивираноста и желбата да успее целиот процес на воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви, основа за формирање на Адресен регистар.