Работна средба на Амбасадорката на кралството Шведска со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности

Работна средба на Амбасадорката на кралството Шведска со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности

Амбасадорката на кралството Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон, на 4 Мај, 2022 година беше во службена, работна и официјална посета на Агенцијата за катастар на недвижности. На работниот состанок амбасадорката Форсгрен Бенгтсон и директорот на АКН Борис Тунџев разговараа за досегашната соработка и можна идна поддршка во реализација на проектите на АКН. Оваа поддршка се спроведува преку Шведската меѓународна развојна агенција – Сида (Swedish International Development Cooperation Agency – Sida).

Н.Е. Форсгрен Бенгтсон истакна дека Шведска е земја членка на ЕУ, најголем донатор во Унијата, која инвестира во повеќе подрачја и работи на глобалниот развој, вклучувајќи ги ефективната родова поставеност, поголемо учество на приватниот и јавниот сектор и промоција на зелените технологии,  помагајќи финансиски и со знаења. Шведска соработува со граѓанското општество, но исто така и со јавниот сектор, посебно задржувајќи се на меѓуинституционалната соработка, каков што е примерот на македонската Агенција за катастар на недвижности и шведскиот Лантматериет. Токму овој пример на успешна соработка е мотив Шведската преку Сида и понатаму да ја поддржува Агенцијата за катастар на недвижности, пред сè во интерес на граѓаните и можноста за полесен пристап до податоците кои ги нуди Агенција за катастар.

Директорот на АКН ѝ заблагодари на амбасадорката, истакнувајќи дека Кралството Шведска и Шведската меѓународна развојна агенција пружаат долгорочна континуирана поддршка на нашата институција. Директорот Тунџев истакна дека оваа поддршка започна во 2005 година со проектот „Зајакнување на институционалните капацитети“ на тогашниот Државен завод за геодетски работи, со кој беа поддржани неговите реформски активности. Поддршката продолжи со проектот „Зајакнување на капацитетите за спроведување на Стратешкиот план на АКН за 2009 – 2012“, во 2014 година преку ИМПУЛС проектот беше продолжена соработката со Сида и Лантматериет.

Последната и сè уште актуелна поддршка на Агенцијата за катастар на недвижности од Шведска, се однесува на проектот Соработка за дигитална демократија кој започна да се спроведува во 2018 година. Овој проект се однесува на пет компоненти: Адресен регистар, НИПП, Геодезија, Скен центар и поддршка на ИКТ секторот и ќе придонесе кон зајакнување на капацитетите на АКН, развивање на интерните деловни процеси, размена на висококвалитетни и ажурни дигитални податоци преку креирање на нови услуги и сервиси, со што ќе се придонесе кон евроинтеграциските процеси, како и кон подобрување на животниот стандард на сите жители во Република Северна Македонија.

Амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, Борис Тунџев се согласија дека соработката помеѓу АКН и Сида е симбол на една успешна соработка, која носи многу придобивки за македонскиот народ, дава поддршка на општеството во неговиот развој, во осовременувањето на дигитални решенија во работењето, во креирањето на висококвалитетни и ажурни дигитални податоци и во услугите кои Агенцијата за катастар на недвижности ги обезбедува за своите граѓани.