Реализирани две обуки за 17 општини во врска со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви

Реализирани две обуки за 17 општини во врска со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви

Според акциониот план кој се спроведува во врска со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви, кој ќе прерасне во Адресен регистар, беа направени две обуки во врска со актуелниот статус со оваа обемна теренска и компјутерска операција.

Во првата сесија беа реализирани три обуки. Во секоја од нив беа вклучени по 6 општини. На 15 Март онлајн обуката ја следеа општините: Чашка, Штип, Куманово, Кочани, Лозово и Неготино, како и претставници на Агенцијата за катастар на недвижности од соодветните градови. На 16 Март беа опфатени општините од: Радовиш, Македонска Каменица, Пехчево, Берово, Пробиштип и Велес. На 17 Март пак, обуката ја проследија претставниците од АКН и локалната самоуправа на општините: Валандово, Центар Жупа, Дебар, Дојран и Градско.

Генерално, на обуките се информираше за начинот на воспоставување на адресен регистар, како и за моменталната состојба и преземаните активности во врска со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви. Беа презентирани и теми поврзани со легислативата, а кои се во контекст со адресниот регистар. Исто така, беше презентирана содржината на апликацијата и начинот како таа ќе се користи. Според елаборираните етапи во оваа операција, од страна на одговорните лица од Агенцијата за катастар на недвижности беше кажано дека на теренското прибирање податоци му претходи формирање на привремена база на податоци врз база на податоците од Централниот регистар и од податоците за катастарските парцели и објекти добиени од еКат системот. После прибирањето на теренските податоци, тие ќе треба да бидат потврдени од страна на општините. Неименуваните улици треба да добијат име, ненумерираните број. Агенцијата за катастар на недвижности ќе ја воспостави базата на податоци, а на неа ќе работат општините.

Во периодот од 11 до 15 Април, за истите општини од претходната сесија на обуки, во просториите на Агенцијата за катастар на недвижности беше организирана обука за валидација на теренско прибраните податоци за улици и куќни броеви. Обуката ја одржуваа претставници на ангажираниот економски оператор и претставници на Агенцијата за катастар на недвижности. Детално беше елабориран секој чекор на практичната работа со апликацијата, која ќе се користи за валидација на теренски прибраните податоци за улици и куќни броеви.