Ден на Националната инфраструктура на просторните податоци

Ден на Националната инфраструктура на просторните податоци

На 24 февруари, трета година по ред, се одржа Денот на Националната инфраструктура на просторните податоци во Република Северна Македонија.

И годинава, НИПП денот се одбележа со онлајн конференција на која се говореше за актуелните состојби со Националната инфраструктура на просторните податоци во нашата држава, но беа споделени и меѓународни искуства.

Конференцијата ја отвори директорот на АКН г. Борис Тунџев, а со видео обраќање ја поздрави и г. Фатмир Битиќи, претседател на Советот на НИПП и заменик на претседател на Владата. Работниот дел, во кој беа вклучени професори од Градежниот факултет, Природно-математичкиот, неколку претставници од Субјектите на НИПП, како и гости од Шведскиот и Холандскиот катастар, се одвиваше во две сесии: „Геопросторните податоци како дел од НИПП“ и „Искуства од имплементација на НИПП проекти“. 

Од формирањето на НИПП, до денес, АКН постојано се залага за примена на нови технологии, стандарди и услуги, што јасно го покажува и НИПП гео-порталот. Тој овозможува брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена. Ги интегрира просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде тие се достапни за користење до сите корисници во и надвор од Република Северна Македонија. Геопорталот досега бележи 11285 корисници, 51759 кликови, 46 електронски нарачки од корисници преку е-комерц услугата и 22 нарачки од страна на министерствата.

Агенцијата за катастар на недвижности ги координира НИПП активностите во кои учествуваат 20 институции, членки во националната инфраструктура на просторни податоци. На граѓаните, органите на државната управа и јавниот и приватниот сектор им се на располагање за користење податоците објавени на НИПП геопорталот.