Споделено искуство за адресен регистар и со Грузија

Споделено искуство за адресен регистар и со Грузија

На 16 декември 2021 година се одржа втората онлајн работилница, предвидена во проектот „Соработка за дигитална демократија“, која се однесуваше на споделување на искуството со Грузија, во врска со работата на адресниот регистар.

На почетокот, беше опсежно елабориран целиот тек на сите активности со кои е дојдено до адресен регистар во Грузија. Беше потенцирано дека во 2004 година таму е формирана Национална агенција за јавен регистар, за процесот да продолжи сè до креирањето на адресниот регистар во 2012 година. Во Грузија, со адресниот регистар е постигнато: сите објекти кои можат, да добијат адреси; сите адреси да бидат стандардизирани; да бидат точни и прецизни; сите информации да бидат собрани на едно место; лесно да бидат пристапни до сите и сите да можат да ги користат истите податоци.

Од македонска страна, исто така, беа споделени информации како се води процесот и до каде се активностите на македонскиот графички регистар на улици и куќни броеви, кој подоцна треба да прерасне во адресен регистар. Почнувајќи од легислативата, задолженијата, односно улогите во врска со активностите, одговорноста на Агенцијата за катастар на недвижности, адресирањето на индивидуалните станбени единици, Евроопските и меѓународните стандарди, па сè до критериумите за валидација и кои ќе бидат корисниците на податоците и на кој начин тие ќе можат да се користат.

На крајот од работилницата, навистина имаше голем број на прашања кои ги интересираа двете страни, посебно прашања од стручен аспект, а посебно за улогата на Агенцијата за катастрите на недвижности од двете држави во целиот процес на формирање, одржување и работа на Адресниот регистар.