Состанок со општина Куманово за завршните активности на теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви

Состанок со општина Куманово за завршните активности на теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви

Во рамките на проектот Соработка за дигитална демократија, Агенцијата за катастар на недвижности, продолжува со активностите за воспоставување на Графичкиот регистар на улици и куќни броеви, кој е основа за формирање на Адресен регистар во Република Северна Македонија.

На 19 јули 2021 година се одржа првиот онлајн состанок со општина Куманово поврзан со завршните активности на теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви во населените места во општината и активностите кои следат.

Од страна на АКН беше презентиран начинот на прибирање на теренските податоци за улици, куќни броеви и станови, со посебен осврт на ВЕБ-ГИС апликацијата. Потоа, АКН информираше дека пред започнување со активностите поврзани со теренското прибирање на податоци, е формирана привремена база на податоци. Таа содржи податоци за улиците, кои се официјално добиени од Централниот регистар на Република Северна Македонија, како и податоци за катастарските парцели и објекти кои преку соодветен линк се вчитуваат од електронската база на податоци на еКат системот.

Покрај добиените податоци од страна на Централниот регистар за определени населени места, во останатите, податоците за улиците се прибирани од терен. Прибрани се податоци за сите објекти за кои може да се обезбеди адреса, без разлика дали се запишани во катастарот на недвижности или се дивоградби. На тој начин општината ќе добие јасна слика на фактичката состојба на терен, која ќе послужи за нејзини понатамошни активности.

Беше потенцирано дека потврдувањето на теренските податоци од страна на општината е од огромно значење не само за неа, туку и за сите останати субјекти кои користат адресни податоци. Сите улици кои немаат име треба да се именуваат, а сите објекти кои немаат куќен број, треба да се нумерираат. На терен не треба да остане неименувана улица и објект без куќен број. По извршеното потврдување на податоците, од големо значење е и нивното обележување на терен, односно поставување на табли со име на улицата и куќниот број. Ова ќе претставува основа за формирање на сигурен и точен Адресен регистар.

Во Агенцијата за катастар на недвижности ќе се воспостави централна база на податоци, која ќе се одржува од страна на општините. Во Агенцијата успешно функционираат слични системи и големо е искуството од нивното воспоставување. Надлежностите за именувањена улиците, доделување на куќни броеви и издавање на уверенија за куќен број остануваат на општините. Преку теренското прибирање на податоците за улиците и куќните броеви, Агенцијата помага на општините да ја согледаат реалната состојба на терен и нејзината улога е координативна. Потврдените податоци од страна на општините, во иднина, ќе помогнат при постапката на подобрување на податоците не само во катастарот на недвижности, туки во базите на податоци кои ги водат останатите институции согласно со закон.

Компанијата изготвувач на мобилната/таблет апликација и ВЕБ-ГИС апликацијата, го презентираше модулот за потврдување на податоците.

На состанокот беше договорено општина Куманово, да ја разгледа документација, по што ќе се организира обука за начинот на користење на модулот за потврдување на податоците и ќе се достави Упатство за начинот на потврдување на податоците. Потоа, општината ќе може да започне со активностите, со целосна поддршка од страна на Агенцијата за катастар на недвижности.