Редовниот состанок на управниот одбор на проектот „Соработка за дигитална демократијa“ се одржа онлајн на 30 јуни 2021 година.
Вообичаено, состанокот го отвори претседателот на Управниот одбор и директор на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, Борис Тунџев. Тој повика да се сподели статусот на активностите од страна на сите компоненти: Воспоставување на Графички регистар на улици и куќни броеви – како основа за воспоставување на Адресен регистар, НСДИ, Геодезија, ИКТ, Скен центар, како и сегментот за комуникации, односно секој од претставниците да извести за напредокот во активностите.


Секоја компонента извести за достигнувањата, за планот до крајот на 2021 година и за можните предизвици со кои може да се соочи работата и одвивањето на активностите од проектот.
Заменик директорот на Лантматериет – Андерс Сандин, шведски претставник во Управниот одбор на проектот, го поздрави големиот напредок на сите компоненти и покрај вонредните пандемиски услови, додека шведскиот контролор на квалитет и мониторинг на проектот говореше за советите, поддршката и контролата на активностите.
Од страна на менаџментот беше елаборирана соработката со Словенија и со Босна и Херцеговина, а беа дискутирани и повеќе технички работи во однос на човечките ресурси и тренинг центарот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Следниот Управен одбор се планира во октомври 2021 година.



