Ден на Националната инфраструктура на просторните податоци во Република Северна Македонија

Ден на Националната инфраструктура на просторните податоци во Република Северна Македонија

Денеска, е Денот на Националната инфраструктура на просторните податоци во Република Северна Македонија. Ова е втора година како Агенцијата за катастар на недвижности, на 24 февруари го организира одбележувањето на овој ден.

Годинава, во рамките на НИПП денот, се одржа пригодна онлајн конференција, на која се говореше за актуелните состојби со Националната инфраструктура на просторните податоци во нашата држава, но беа споделени и меѓународни искуства.

Геопросторните податоци се дел од агендата на Обединетите нации за одржлив развој до 2030 година, која повикува на глобално координирани активности во процесот на прибирањето и интеграцијата на новите податоци.

Од формирањето на НИПП, до денес, АКН постојано се залага за примена на нови технологии, стандарди и услуги, што јасно го покажува и новиот НИПП гео-портал, кој беше промовиран денеска, во рамките на НИПП денот, а кој овозможува брз, автоматизиран и непречен пристап до просторните податоци, како и нивна интероперабилна размена. Од системски аспект НИПП гео-порталот ги интегрира просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде тие се достапни за користење до сите корисници во и надвор од Република Северна Македонија.

НИПП гео-порталот е едно од позначајните достигнувања во Агенцијата за катастар на недвижности за 2020 година. Содржи повеќе компоненти: апликација за пребарување, каталог на метаподатоци со алатка за креирање на мета-податоци, апликација за прегледување на мапи односно ГИС прегледник, регистри, административен модул и основен модул за е-комерцијални услуги. НИПП гео-порталот е централна точка за пристап до неколку регистри управувани на централно ниво кои обезбедуваат референцирање преку единствени идентификатори.

Агенцијата за катастар на недвижности ги координира НИПП активностите во кои учествуваат 20 институции, членки во националната инфраструктура на просторни податоци. Бројот од 161 објавени мета податоци и 79 веб сервиси кои се однесуваат на 82 видови на просторни податоци објавени од страна на 5 институции: Агенција за катастар на недвижности, Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, Центар за управување со кризи, Управа за заштита на културното наследство и Агенција за планирање на просторот, говори дека гео-порталот е во напредна фаза и иако тој сè уште постојано се надополнува со нови податоци, Агенцијата за катастар на недвижности ги повикува граѓаните, органите на државната управа и јавниот и приватниот сектор да ги користат податоците објавени на новиот НИПП гео-портал.