56% помали банкарски провизии за безготовинските плаќања

56% помали банкарски провизии за безготовинските плаќања

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија преку транспарентна јавна набавка, спроведена според Законот за јавни набавки, склучи двегодишен договор со една од македонските банки, со кој се намалени провизиите што се плаќаат при користење на ПОС терминалите, односно при безготовинското плаќање.

Висината на провизијата, која ја плаќа АКН за секоја наплата на катастарските услуги преку ПОС терминалите на шалтерите, од 2.5% се намалува на 1.09%, додека за онлајн плаќањата преку ПОС терминалите надоместокот кој е на товар на купувачот, a кој претходно изнесуваше 5%, сега е намален на 2.1%, што значи дека професионалните корисници (нотарите, приватните геодетски фирми, адвокатите, банките, општините и др.) и граѓаните кои ги користат услугите на АКН, ќе плаќаат 56% помала банкарска провизија.

Намалувањето се однесува на банкарската провизија за сите онлајн плаќања што граѓаните и професионалните корисници ги вршат преку дистрибутивниот ОССП портал каде се достапни податоците од катастарот на недвижности, геодетските и картографските податоци, податоците од Регистарот на просторни единици и др.), како и при онлајн користење на системите кои Агенцијата за катастар на недвижности ги има во моментот: еКат и НИПП геопорталот. Корисниците на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности, како и до сега, ќе можат да плаќаат со своите кредитни и дебитни платежни картички.