Воспоставена интероперабилност помеѓу АКН И УВМК

Воспоставена интероперабилност помеѓу АКН И УВМК

Агенцијата за катастар на недвижности ги известува своите корисници дека е ставена во примена функционалноста за електронска размена на податоци со Управата за водење на матични книги. Тоа значи дека во постапките кои се водат пред Агенцијата за катастар на недвижности, за предметите во кои е потребно како прилог да се достават документи од Управата за водење на матични книги како што се изводот на родени/изводот на венчани/изводот на умрени, истите ќе може онлајн да се преземат од електронскиот шалтер (е-кат шалтер), односно од шалтерите во подрачните одделенија за катастар на недвижности или од Центарот за катастар на недвижности Скопје. Со други зборови корисниците нема потреба претходно да ги обезбедуваат наведените документи па да ги носат/доставуваат до катастарот, бидејќи документите катастарот ќе ги презема по електронски пат.  Надоместокот за наведените документи согласно ценовникот на Управата за водење на матични книги изнесува 150 денари по документ.

Функционалноста за размена на податоци е поставена на платформата за интероперабилност која платформа овозможува зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето на органите на државната администрација. 

Со примена на новата функционалност, Агенцијата за катастар на недвижности на своите корисници им овозможува во краток временски период да ги обезбедат наведените документи, го олеснува протокот на електронските информации кои се потребни за обезбедување на јавните услуги и излегува во пресрет на потребите на граѓаните и бизнис секторот.