Бочварски и Тунџев во посета на штипската подрачна единица на Агенцијата за катастар на недвижности

Бочварски и Тунџев во посета на штипската подрачна единица на Агенцијата за катастар на недвижности

Штип, 9 декември 2020 (МИА) – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев денеска беа во посета на подрачното одделение во Штип. Министерот за транспорт и врски Бочварски најави дека во наредниот период ќе се зголеми капацитетите на Катастарот  во повеќето градови во државата, каде што има потреба од дополнителен кадар.

-Во однос на законот за домување во овој момент е во Собрание. Секако имаме и дополнителни закони на коишто имаме допирни точки за соработка и со Агенцијата за катастар на недвижности, така што се она во кое што е потребно комуникација и координација веќе работиме. Секако за мене е многу важно намалување на цените и услугите за граѓаните коишто ги има веќе Агенцијата за катастар на недвижности во процедура и тоа е исклучително значајно за граѓаните. Така што со една брза комуникација, тесна комуникација помеѓу сите институции јас сум убеден дека можеме да направиме едно поквалитетно општество за сите граѓани. Ние имаме секојдневно предмети по коишто соработуват во однос на градежно земјиште, решавање на имотно-правни прашања, предавање на ингеренции на општини, во кои Катастарот има клучна улога, така што досега сум задоволен, но секако убеден сум дека и понатаму ќе имаме одлична соработка помеѓу сите институции кои имаат допирна точка во овој сегмент од нашето живеење и во поддршка за граѓаните, вели Бочварски.

Директорот на Агенцијата за Катастар на недвижности, Тунџев рече дека пред еден месец завршиле теренски активности за за воспоставувањето на регистарот за улици и куќни броеви на територија на Општина Штип.

-Зошто го спомнувам ова како еден од приоритетните проекти којшто и во иднина ќе треба да го реализираме заедно со општина Штип, а се однесува дека сите овие податоци треба да бидат потврдени од страна на службите во општината. Овој Регистар на улици и куќни броеви како дел од адресниот регистар, во којшто непосредно соработуваме со министерот затоа што донесувањето на законот за адреси е во надлежност на самото Министерство ќе биде од исклучително значење не само на сите граѓани, туку и на целата заедница затоа што овие податоци ќе значат унифицирање на сите податоци коишто се однесуваат по однос на улиците и вкупниот број во сите документи на граѓаните. Еден исклучително важен проект не само за Општина Штип, туку и за целата држава, вели Тунџев.

Тој истакна дека на ваков регистер се работи не само во Штип, туку и во повеќе општини.

-Она што друго е важно и го запознав министерот, а се однесува посебно за овој регион битно е да се знае дека Агенцијата за катастар на недвижности изврши намалување на цените за запишување на сите земјоделски објекти, посебно на објектите коишто се однесуваат за земјоделско производство  и сите оние земјоделски комплекси. Тука спаѓаат оранжериите каде што ги намаливме цените за 90 отсто од постоечките 10 денари, сега оранжериите ќе се запишуваат во јавната книга, односно ќе можат да добијат имотен лист за еден денар од метар квадратен, а за останатите помошни објекти коишто се наоѓаат во земјоделско-сточарските комплекси и фарми ќе бидат запишувани со пониска цена од 50 отсто, вели Тунџев.

Завршен е и проектот Лидар за територијата на општина Штип и опфатен е дел од Североисточниот дел во којшто е вклопена и територијата на општина Штип.

-Се работи сега на Југоисточниот дел, еден проект којшто е од исклучителна важност не само за овој регион, туку и за целокупната држава затоа што ќе овозможи брзо и поедноставно прибирање и проектирање од страна на проектантските куќи, а посебно кога се однесува за проектирање на инфраструктурните објекти. Сведоци сме дека во изминатиов период огромни и крупни капитални проекти се реализираат на територијата на општина Штип, еве и Агенцијата за катастар на недвижности со воспоставувањето на податоците на 3Д моделот ќе бидат во можност сите градежни компании поедноставно да ги обавуваат своите проектантски работи, односно времетраењето на проектирањето да биде скратено за подолг период, вели Тунџев

Извор: МИА