Потпишан договор за реализирање на втората фаза од Лидар проектот

Потпишан договор за реализирање на втората фаза од Лидар проектот

На 13 октомври 2020 година, беше потпишан трипартитен договор за реализирање на Лидар проектот, односно за неговата втора фаза, помеѓу Норвешката агенција за картографија, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Примул Меридијан, компанија од Романија која за извршување на снимањето е избрана на тендер, според Норвешка регулатива.

Владата на Норвешка преку Норвешката агенција за картирање (Statens Кartverk) им дава поддршка на земјите од регионот во процесот на добивање ажурни географски информации во дигитална форма достапни преку Интернет за јавниот и за приватниот сектор, а во функција на ублажување на ефектите од климатските промени.

Дигиталниот модел на теренот на Република Македонија е основа за вршење на најразлични квалитативни и квантитативни анализи на содржината на земјината покривка и во комбинација со ортофото снимки ќе најде голема примена во катастарот, урбанизмот, земјоделието, заштитата на животната средина, кризниот менаџмент, одбраната како и за потребите на многу други институции кои користат геопросторни податоци.

Трите страни со соодветни презентации ги претставија своите организации, а Агенцијата за катастар на недвижности го презентираше и искуството од првата фаза од проектот. Според препораките и актуелната состојба со пандемијата средбата и потпишувањето беа организирани онлајн, запазувајќи ги сите пропишани здравствени протоколи.