Работна средба со висок претставник на Сида

Работна средба со висок претставник на Сида

На 21 септември 2020 година, директорот на АКН, Борис Тунџев, одржа средба со Микаел Атерхог, прв секретар и координатор за развојна соработка при Шведската агенција за развојна соработка – Сида придружуван од претставник од шведската амбасада.

Средбата, на барање на гостите, се одржа на отворено, во кругот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, при што беа запазени сите препорачани здравствени протоколи.

Беше разгледана досегашната соработка, со посебен акцент на имплементацијата на проектот „Соработка за дигитална демократија“, кој Агенцијата за катастар на Република Северна Македонија го спроведуваше во соработка со шведскиот Лантматериет. Гостинот беше запознаен со идните планови на АКН во делот на катастарот на недвижности, геодезијата и НИПП, како и за соработката на Агенцијата со другите институции и министерства. Директорот Тунџев, изрази посебно задоволство од досегашната соработка и поддршка од Кралството Шведска.

Во однос на идната соработка, гостинот Атерхог, напомена дека во новата стратегија на Шведската агенција за развојна соработка – Сида, која ја усвојува Владата на Кралството Шведска и во наредните 7 години се предвидува поддршка на Агенцијата за катастар на недвижности, затоа што таа е препознаена како професионална, стручна институција, со чија поддршка директно се поддржува и македонското општество.

Заеднички беше заклучено дека постои потреба од инвестиција во човечките ресурси и во развојот на одржлива стратегија за човечки ресурси на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, во интерес на грижата за потребните професионални и стручни кадри.