Донирани четири 3Д Планер монитори за потребите на АКН

Донирани четири 3Д Планер монитори за потребите на АКН

Во рамките на Меморандумот за соработка, потпишан помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Агенцијата за катастар, земјишен регистер и картографија на Министерството за станбени прашања, просторно планирање и животна средина на Кралството Холандија, кој се однесува на зајакнување на институционалните капацитети во сегментите на 3Д катастарот, е-земјишна администрација, производство на топографски карти и имплементацијата на НИПП, холандскиот катастар донираше четири 3Д Планер монитори, за потребите на Одделението за картографија и фотограметрија во АКН, за технолошко осовременување на работните процеси за изработка и ажурирање на топографските карти.

3Д Планер мониторите претставуваат најнова стереоскопска технологија (3D Technology Stereo Mirror), која нуди оптимални решенија во  фотограметријата каде што е потребен 3Д преглед за да се согледаат длабочините на сликата и да бидат просторно толкувани во најмали детали. 3Д Планер мониторите одговараат на потребата од висококвалитетно тродимензионално решение за приказот на рељефот на топографските карти.

Оваа технологија обезбедува највисок квалитет на стереоскопска слика на десктоп мониторите со резолуција од 1920х1080 пиксели и 2.1 мегапиксели во палета од 16 милиони бои и овозможува побрзо и поточно добивање информации важни за картографскиот приказ.

3Д Планер мониторите произведуваат неверојатни 3Д слики со широк екран и обезбедуваат целосна резолуција за обете очи за формирање на оптимална стерео слика. Екранот во широчина нуди најголемо достапно стерео прегледување, што овозможува мониторот да се користи истовремено од повеќе корисници. Работата без треперење овозможува употреба на чиста стерео слика, без замор на операторите и непречен поглед, што е од особено значење за зачувување на нивното здравје.

Со вовевдувањето на 3Д Планерите во работниот процес на изработка на топографските карти и други картографски производи во Одделението за картографија и фотограметрија при АКН се осовременува технолошкиот процес на  обработка на картографските материја што е и стратешка определба на АКН.