Со Законост за катастар на недвижности се прошируваат надлежностите на АКН. Агенцијата за катастар на недвижности ќе го воспостави и ќе управува со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви. Toj ќе содржи теренски прибрани просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви, поединечно по населено место.
Графичкиот регистар на улици и куќни броеви ќе биде поврзан со описните податоци од Регистарот на просторни единици, заради идентификување на улицата спрема населеното место, односно административните единици, како и со податоците од електронскиот катастар на недвижности (еКат), со што ќе се овозможи лесна идентификација на недвижностите според адреса.
Описните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ги презема по службена должност од Регистарот за имиња на улици и куќни броеви, што се води при Централниот регистар на Република Македонија. Тие ќе бидат ажурирани со теренското прибирање на податоците. Просторните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ќе ги прибира од терен.
Агенцијата за катастар на недвижности, склучи договори со надворешни изведувачи, за теренско прибирање на податоци за улици и куќни броеви во населените места кои се во надлежност на општините: Гази Баба, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Шуто Оризари, Бутел, Карпош, Чаир и Сарај.
Активностите веќе се започнати, затоа е потребно граѓаните во континуитет да бидат запознавани со целта на теренското прибирање на информациите, односно за активностите кои ќе бидат спроведени на терен. А на екипите ангажирани од страна на АКН, да им биде дозволено да ја спроведат целосната предвидена постапка, како што се прибирање на информации и фотографирање на објектите.