Денеска (8 мај 2018 година), Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, во хотелот Континентал во Скопје, одржа презентација и работилница во врска со воспоставувањето на Адресниот регистар во Република Македонија. На средбата, покрај градоначалникот на Скопје, кој исто така беше и во својство на претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа ЗЕЛС, присуствуваа и голем број градоначалници од градовите во Република Македонија, или нивни претставници, како и голем број геодети.
Агенцијата за катастар на недвижности, во својот стратешки план за 2017-2019 година, одобрен од Владата на Република Македонија, како приоритетен проект го има поставено воспоставувањето на Адресниот регистар на Република Македонија.
Непостоењето на единствен централизиран Адресен регистар, со точни и ажурни податоци, го отежнува работењето на институциите, соработката и размената на податоци. Адресниот регистар ќе содржи единствени просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви и ќе се користи во разни статистички цели. На пример при попис, општините ќе го користат за планирање, а преку централизираниот систем на Адресен регистар ќе се овозможи креирање разни навигациски апликации.
Во Македонија, при воспоставувањето на Адресниот регистар, клучна улога ќе имаат општините и тоа најмногу во компарацијата на теренските податоци, со податоците од нивната евиденција.
На денешната работилница своја презентација имаше и Томаж Петек од Геодетската управа на Република Словенија, кој го пренесе искуството од воспоставувањето и одржувањето на Адресниот регистар во Република Словенија.
Целта на оваа работилница беше да слушнат меѓународни искуства, но и да се запознаат општините и градот Скопје со планираните, како и до сега преземаните активности, секако и со улогата која треба да ја имаат и општините и градот Скопје, при воспоставувањето на овој регистар.