Делегација од Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, на 24 и 25 јануари 2018 година беше во официјална посета на Агенцијата за геодезија, картографија и катастар на Република Бугарија, во Софија, Република Бугарија.
Раководството на Агенцијата за геодезија, картографија и катастар на Република Бугарија ги презентираше организационата поставеност, законската регулатива и надлежностите на Агенцијата. Потоа, во некои од секторите беа елаборирани постапките на работење во картографијата, информатичката технологија, шалтерското и архивско работење и др.
На работниот состанок со раководството на Агенцијата и со претставниците од јавни, професионални и научни организации од областа на геодезијата, како што се геодетските комори, факултетот за геодезија и институтот за воена картографија, претставниците на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија ја презентираа законската регулатива во нашата држава, како и организационата поставеност и надлежностите на Агенцијата. На крај, беа разгледани и можностите за идна соработка на полето на геодезијата, картографијата, катастарот и НИПП.
На крај од официјалната посета беше потпишан протокол за формирање работна група за имплементација на активностите кои произлегуваат од Меморандумот за соработка, потпишан на 23 ноември 2017 година, а кои се однесуваат на основните геодетски работи, картографијата, катастарот на недвижности, геоинформатиката и инфраструктурата на просторните податоци.