Катастар на недвижности и регистрација » Катастар на недвижности и регистрација Фаза 1

Катастар на недвижности и регистрација Фаза 1

Проектот „Катастар на недвижности и регистрација“ беше имплементиран во Агенцијата за катастар на недвижности вклучувајќи ги сите 29 подрачни одделенија за катастар на недвижности и Центарот за катастар на недвижности – Скопје.

За имплементација на проектот беше обезбеден заем од Светската банка во износ од 10,3 милиони евра. Имплементацијата на проектот започна во јуни 2005 година со потпишување на првиот Договор за заем помеѓу Светска банка и Министерството за финансии во име на Владата на Република Македонија, и заврши на 31.12.2010 годинa.

Основната цел на проектот „Катастар на недвижности и регистрација“ беше да се изгради ефикасен и ефективен систем на катастар на недвижности и регистрација, koj ќе придонесе кон развојот на ефикасни пазари на земјиште и недвижности на територијата на Република Македонија.

Проектните активности беа фокусирани кон:

  1. Забрзување на процесот за воспоставување катастар на недвижности (КН) и запишување (регистрација) на правата на сопственост;
  2. Подобрување на процесите и процедурите на работа преку  реорганизација на канцелариските функции и воведување автоматизација и ИТ технологија;
  3. Подобрување на институционалниот капацитет и човечките ресурси во АКН преку изготвување и имплементација на стратешки менаџмент-план и план за развој на човечките ресурси;
  4. Развој и зајакнување на владиниот капацитет за формулирање политики со цел создавање ефикасни пазари на недвижности.

Очекувани и остварени резултати по завршувањето на проектот се:

  1. Катастарот на недвижности (КН) е воспоставен на 99,50% од територијата на Република Македонија;
  2. Комплетиран катастар на недвижности и регистрација на правата на недвижностите во сите урбани и полуурбани средини;
  3. Рационализирани процедури за конверзија на катастарот на земјиште во катастар на недвижности (конверзија од поседовни во имотни листови) во руралните средини;
  4. Трансакциите да се регистрираат во рамки на законските утврдени рокови во сите канцеларии на АКН;
  5. АКН има стратегија да прерасне во самофинансирачка агенција, која ќе работи во согласност со модерните деловни практики;
  6. Целиот катастарски премер да се врши од страна на приватни геодети;
  7. Воспоставен е владин механизам што добро функционира за формулирање земјишни политики преку партиципативен процес-меѓуинституционална соработка.

Проектот се имплементираше низ четири компоненти:

  1. Комплетирање на катастарот на недвижности и запишување на правата. Оваа компонента го поддржа комплетирањето на катастарот на недвижности и регистрирањето на правата во сите урбани и полуурбани средини во Република Македонија. Компонентата вклучуваше две поткомпоненти: (1) оперативна поддршка на комплетирањето на КН, поддршка на систематското излагање и регистрирање на правата на сопственост и рационализација на процедурите на регистрација; и (2) кампања за јавно информирање.
  2. Институционален развој и подобрување на услугите. Целта на оваа компонента беше АКН да се трансформира во една модерна и ефикасна национална агенција за катастар и регистрација и да се подобри давањето услуги во сите подрачни канцеларии. Оваа компонента вклучуваше: (1) институционален развој на АКН кој се фокусираше на развивање на АКН како ефикасна агенција ориентирана кон давање јавни услуги, со цел да се одржува преку самофинансирање; (2) промовирање на транспарентноста и одговорноста преку издавање „листа на права на корисниците“, воспоставување директна телефонска линија за примање поплаки на корисниците и зајакнување на внатрешната контрола за случаите на корупција и незаконското работење; (3) подобрување на услугите на регистрација и услугите во врска со секундарните трансакции; (4) развивање автоматизиран систем на катастар и регистрација; и (5) едукација и тренинг за вработените во АКН, како и за геодетите од приватниот сектор.
  3. Развој на земјишна политика. Преку оваа компонента се даде поддршка на владиниот капацитет да креира и да развива политики потребни за обезбедување на комплетирањето на катастарот на недвижности и целосното функционирање на пазарите на земјиште и недвижности преку: (1) развивање на владините капацитети за координирање на креирањето на политики за земјиште и недвижности преку консултативни процеси; и (2) формулирање на специфични земјишни политики и политики на недвижности, кои се неопходни за комплетирање на катастарот на недвижности и за целосното функционирање на пазарите на земјиште и недвижности.
  4. Управување на проектот. Компонентата вклучуваше: (1) поддршка на АКН за управување на проектот преку финансирање на трошоците на Единицата за управување на проектот, вклучувајќи договорно ангажирање на персонал; и (2) мониторинг и евалуација на проектот.