-
Агенцијата за катастар на недвижности ја формализираше добрата соработка со Управата за јавни приходи преку потпишување на меморандум за соработка на крајот од ноември 2025 година. Соработката првенствено ќе се реализира во областа на пристапот и користењето на податоците од Геодетско-катастарскиот информациски систем. Овој систем е интегриран и единствен информациски систем во Република Северна Македонија кој овозможува прибирање, обработка, одржување, управување, користење, дистрибуција, издавање и единствен пристап до податоците од катастарот на недвижностите и другите податоци за кои е надлежна Агенцијата за катастар на недвижности.
УЈП при извршувањето на своите надлежности има пристап до податоците од ГКИС преку системот Е-кат шалтер, без надомест, почитувајќи ја потребната доверливост на податоците. Односно, сите добиени податоци и понатаму ќе ги користи исклучиво за сопствени потреби, согласно со позитивните законски прописи, а посебно прописите од областа на заштитата и обработката на личните податоци.
Потпишувањето на меморандумот претставува континуитет и продлабочување на досегашната успешна соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи и тој ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработката, преку взаемна поддршка и заедничко делување при исполнување на законските надлежности и остварување на заедничките цели на двете институции. -
Во октомври 2025 година, Народна банка и Агенцијата за катастар на недвижности, потпишаа меморандум за соработка. Овој документ е рамката која ќе обезбеди овие две институции систематски и безбедно да разменуваат податоци и информации кои се од заеднички интерес. Овие податоци и информации ќе бидат во функција на подобрување на аналитички и институционални активности на институциите и тие пред сè се однесуваат на податоците од Регистарот на цени и закупнини, што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Со податоците што ќе ги обезбеди Агенцијата за катастар на недвижности преку Регистарот на цени и закупнини, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности, како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности се договорија за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, како би се унапредиле квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес. -
На почетокот на мај 2025 година, беше воспоставена соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Правниот факултет „Јустинијан Први“. Овие две институции ќе ја поврзат теоријата со практиката од областа на правото, особено во областите на општото граѓанско и административно право, катастарот на недвижности, геодетско-катастарскиот информациски систем и националната инфраструктура на просторни податоци во Република Северна Македонија. Отворено е ново поглавје на партнерство кое ќе придонесе за унапредување на работата на двете институции и за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните.
Соработката ќе се реализира со: учество на претставници од АКН во изведување настава од акредитираните наставни програми на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје; размена на информации за активностите на институциите; со заеднички тимови на предавачи на теми кои се од значење за двете институции; обезбедување информации од АКН; обуки за вработените на АКН од областа на правото, особено во областите на општото граѓанско и административно право; едукативни активности; соработка при иницијативи во врска со унапредување на законската и подзаконската регулатива во областа на катастарот на недвижности; организирање и реализирање практична настава за студентите на Факултетот преку центрите на правна клиничка едукација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје во зависност од расположливите можности на АКН и друго. -
Во март 2025 година, Агенцијата за катастар на недвижности потпиша меморандум за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Заемната меѓуинституционална соработка ќе придонесе за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнување на функционалните надлежности на двете институции, а ќе се остварува во рамките на законските надлежности на двете институции.
Соработката ќе се реализира преку: размена на информации за активностите на институциите; размена на релевантни информации од областа на катастарот на недвижности и геодетско-катастарскиот информациски систем; обуки за судиите и јавните обвинители во врска со спроведувањето на Законот за катастар на недвижности; обуки за вработените на Агенцијата за катастар на недвижности; преку развој и имплементација на проекти поврзани со обуки и едукација од областа на катастарот на недвижности и геодетско-катастарскиот информациски систем и многу други активности.
За обуките и другите активности во рамките на меѓусебната соработка, двете институции ќе вршат размена на предавачи, учесници, искуства и знаења. -
Агенцијата за катастар на недвижности и Министерството за животна средина и просторно планирање, во декември 2023 година склучија меморандум за соработка кој пред сè ќе се реализира во областа на геодетско-катастарскиот информациски систем, националната инфраструктура на просторни податоци и националниот информативен систем за животна средина.
Двете институции ќе разменуваат податоци и информации од областа на геодезијата, картографијата, катастарот на недвижности, ГИС, ЛиДАР и НИПП, размена на податоци за заштитените подрачја во државата, размена на податоци за мониторинг на животната средина во државата, размена на податоци за хидрографијата во државата, размена на веб сервиси („WMS“ сервис за катастарските парцели и топографските карти од дистрибутивниот систем на АКН, „WMS“ сервиси за заштитени подрачја и мониторинг на животната средина од националниот информативниот систем за животна средина, како и размена на знаење и искуства и меѓусебна техничка поддршка. - Во ноември 2023 година, Агенцијата за катастар на недвижности склучи меморандум за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Картографијата и географските информациски системи, како и основните географски и геодетски работи, премерот на недвижности, топографските карти, националната инфраструктура на просторни податоци, управувањето со геодетско-катастарскиот информациски систем, катастарот на недвижности, масовната проценка на недвижностите, Регистарот на просторни единици и други области кои се во надлежност на двете институции се предмет на овој Меморандум.
- Во мај 2023 година, Агенцијата за катастар на недвижности и Институтот за стандардизација потпишаа меморандум за меѓуинституционална соработка. Оваа соработка ќе придонесе за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнувањето на функционалните надлежности на двете институции.
Секоја институција ќе придонесува од својот делокруг на работење за кој постои национален и заеднички интерес, раководејќи се од националните законски акти во областа на стандардизацијата.
Агенцијата за катастар на недвижности и Институтот за стандардизација ќе ја реализираат соработката преку заеднички активности на експерти од двете институции преку тела и работни групи за поддршка на националната стратегија за примена на европското и националното техничко законодавство, стандардите и европската практика. - Агенцијата за катастар на недвижности и Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, на крајот од 2022 година склучија меморандум за соработка. Со овој документ се утврдува соработката помеѓу двете институции во областа на одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности, издавањето и изготвувањето податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, водењето на регистри како негов дел и други области во надлежност на двете институции. Покрај размената на информации помеѓу институциите, ќе биде остварена и практична настава за студентите од правниот факултет на ЈИЕ во врска со стручните предмети стварно право, запишување права на недвижности и земјишно право, како и запознавање на работните процеси во АКН. Двете институции, ќе спроведуваат обуки во своите области на работење и ќе учествуваат во соодветните стручни и научни активности дома и на меѓународно ниво.
- На почетокот на август 2020 година, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за заштита на културното наследство, потпишаа меморандум за соработка. Соработката ќе се реализира во областа на геодетско – катастарскиот информациски систем (ГКИС), националната инфраструктура на просторни податоци и катастарот на културното наследство. Ќе се разменуваат податоци и информации од геодезијата, картографијата и катастарот, ГИС, ЛиДАР и НИПП, како и за недвижните културни добра, заштитени со Законот за заштита на културното наследство. Ќе се спроведат и обуки за пристап и користење на сервисите кои ги нуди АКН. Овие две институции се договорија и за заеднички настап пред домашни и меѓународни организации, конференции, форуми и симпозиуми кои ги тангираат сферите на работење на Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за заштита на културното наследство. Сите податоци кои ги обезбедуваат двете страни ќе бидат заштитени од неовластено користење и злоупотреба, а ќе се користат исклучиво за потребите на дејностите кои ги опфаќаат двете институции.
- На 6 декември 2019 година, Државната комисија за спречување на корупцијата и Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка.
- На 11 ноември 2019 година беше потпишан меморандрум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Нотарската комора на Република Северна Македонија.
-
Во декември 2017 година Агенцијата за катастар на недвижности потпиша меморандум за соработка со Министерството за одбрана на Република Македонија за соработка на полето на воената географија, геодезија, картографија, географско-информациските системи и Националната инфраструктура на просторни податоци. Во духот на взаемната меѓуинституционална соработка, меморандумот ќе придонесе за организирана и дефинирана меѓусебна поддршка во исполнувањето на функционалните надлежности на потписниците. Тоа посебно се однесува на размената на податоци и продукти, како што се: картографските, топографските податоци и продукти; аеронаутичките и сателитските податоци и продукти; геодетските и катастарските податоци; други геопросторни податоци и информации, извештаи, каталози, технички публикации и слично. Потоа, при размената на знаењата и искуствата во стручната обука, развој и имплементација на заеднички картографски проекти итн.
- Во април 2017 година Агенцијата за катастар на недвижности и Државниот завод за статистика потпишаа меморанум за соработка за активности кои се од заеднички интерес за двете институции.
- Во 2016 година Воената академија “Генерал Михаило Апостолски” Скопје – придружна членка на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за катастар на недвижности.
- Во 2015 година Агенцијата за катастар на недвижности потпиша меморандум за соработка со Градот Скопје истото во функција на утврдување на ажурна состојба при утврдувањето и наплатата на данок на имот за градот Скопје и општините во Градот Скопје.
- Во 2015 година беше потпишан меморандум за соработка со Комората на проценувачи на РМ со цел воспоставување на меѓусебна соработка во процесот на создавање на база на податоци на проценети вредности на недвижностите.
- Во април, 2015 година Агенцијата за катастар на недвижности потпиша меморандум за соработка со Природно-математичкиот факултет, Институт за географија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје .
- Во април,2014 година беше потпишан меморандум за соработка со СГГУ на ГС „Здравко Цветковски“-Скопје.
- Во октомври 2013 година Агенцијата за катастар на недвижности и Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје го потпишаа вториот меморанум за соработка.
- Во 2010 година Агенцијата за катастар на недвижности и Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет, Универзитет “Св.Кирил и Методиј” во Скопје потпишаа договор со кој се уредуваат меѓусебните односи при реализацијата на Проектот за воспоставување и одредување апсолутна и релативна гравиметриска мрежа во Република Македонија.
Потпишаните Меморандуми со образовните институции претставуваат основа за спроведување на практичната настава на студентите од соодветните високо образовни институции и средното геодетско техничко училиште со цел запознавање со работните процеси на Агенцијата од областа на картографијата, основните геодетски работи, катастарот на недвижности, ГИС системите итн.



