Изготвување стратегија за трансформација на македонскиот државен координатен систем во глобален координатен систем Ф1

Изготвување стратегија за трансформација на македонскиот државен координатен систем во глобален координатен систем Ф1

ФАЗА 1

Во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во моментов течат активности за изготвување на стратегија за трансформација на Државниот координатен систем во глобален координатен систем. Целта е во едно догледно време да се створат предуслови за воведување во употреба на Европскиот терестрички референтен систем ETRS 89, кој што е стандард за работење во земјите на ЕУ.

Ова е голем предизвик за АКН со оглед на тоа што воведувањето во употреба на ETRS 89 системот е еден од техничките услови кој што Република Македонија треба да го исполни во процесот на евроинтеграција.

На барање на АКН, Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) го испрати експертот Г-дин Kohei Miyagawa од Географскиот институт за премерување (GSI) од Јапонија со цел истиот да и помогне на АКН во дефинирањето на оптимален модел за трансформација на Државниот координатен систем во глобалниот координатен систем.

Во случајот се работи за продолжување на повеќегодишната континуирана поддршка која што JICA и ја дава на АКН во насока на јакнење на нејзините капацитети, преку реализација на конкретни проекти и испраќање на експерти кои што вршат трансфер на знаење на стручните лица од АКН за примена на модерните технологии за премерување, картографија и ортофото продукција.

 

Г-дин Kohei MIYAGAWA

Јапонскиот експерт ќе престојува во АКН  во три наврати, во периодот од Септември 2009 година до март 2010 година, во вкупно времетраење од околу 70 работни денови.

За време на својата мисија Г-динот Kohei Miyagawa, преку дискусии, предавања и презентации, на стручните лица од АКН ќе им ги пренесе искуствата од Јапонија поврзани со трансформацијата на јапонскиот локален координатен систем во глобален координатен систем. Воедно ќе бидат разгледани и анализирани искуствата на поранешните југословенски републики кои што веќе имплементирале одреден глобален координатен референтен систем, како што се Словенија, Хрватска и Србија.

Врз основа на добиените сознанија и извршените анализи и тестирања врз податоците од нашите национални референтни мрежи ќе биде избран и препорачан еден оптимален модел за трансформација на нашиот Државен координатен систем во ETRS 89 координатниот систем. За избраниот модел ќе биде изготвен и специјален софтвер за трансформација кој што ќе биде имплементиран на одредено тест подрачје.

Г-дин Kohei MIYAGAWA со вработените од Секторот за геодетски работи

Како резултат на сите активности, на крајот на мисијата од страна на Г-динот Kohei Miyagawa ќе биде изготвен документ со финални заклучоци и препораки до АКН за постапката на трансформација на Државниот референтен систем во глобалниот ETRS 89систем.

За информации за ФАЗА 2 кликнете тука.

За информации за ФАЗА 3 кликнете тука.