За вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со геодетско-катастарскиот информациски систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторни податоци, основана е Агенција за катастар на недвижности (АКН). АКН има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со Законот за катастар на недвижности, а за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Таа работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.
Надлежност на АКН е:
- формирање и управување со геодетско-катастарскиот информациски систем;
- вршење основни геодетски работи;
- вршење премер на недвижностите;
- запишување права на недвижностите;
- востановување и одржување на катастарот на недвижностите;
- геодетски работи за посебни намени од значење за Република Македонија, утврдени од Владата на Република Македонија; изготвување државни топографски карти;
- водење регистар на просторни единици;
- воспоставување, одржување и овозможување јавен пристап до Националната инфраструктура на просторни податоци;
- вршење надзор на работењето на трговците-поединци (овластени геодети) и на трговските друштва за геодетски работи.
Со АКН управува Управниот одбор кој е составен од пет члена, и тоа: по еден член на предлог од Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.