Актуелни проекти » Проект ЛИДАР

Проект ЛИДАР

Норвешкото Министерство за надворешни работи и Норвешката агенција за картирање (Statens Kartverk)  склучија спогодбата  за финансиска помош на земјите од Балканот (Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора)  со цел подобрување на пристапот до ажурни географски информации и до основните регистри, за периодот октомври 2017 – октомври 2020 година, во вкупен износ од 47.410.000,00 NOK, (четириесет и седум милиони четиристотини и десет илјади норвешки круни).

Со оваа спогодба Владата на Норвешка преку Норвешката агенција за картирање (Statens Кartverk) им дава поддршка на земјите од регионот во процесот на  добивање ажурни географски информации во дигитална форма достапни преку Интернет за  јавниот и за приватниот сектор, а во функција на ублажување на ефектите од климатските промени.

Во спогодбата за грантот стои дека ќе се склучуваат засебни договори за институционална соработка помеѓу Норвешката агенција за картирање и секоја од партнерските институции од регионот.

Во рамките на оваа соработка, Агенцијата за катстар на недвижности аплицираше со проектот „Создавање дигитални податоци за теренот неопходни за ублажување на ризикот од поплави, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти и подобрување на заштитата на животната средина, надзорот и просторното планирање“.

Целта на проектот е воспоставување дигитален модел на теренот на Република  Македонија и изградба на капацитети во Агенцијата за катастар на недвижности за чување и дистрибуција на дигиталните податоци за теренот. Планираните проектни резултати се:

 

  1. Испорачан и одобрен дигитален модел на теренот за 1/3 од територијата на Република  Македонија и
  2. Воспоставен институционален капацитет во Агенцијата за катастар на недвижности  за  чување и дистрибуција на  податоците од теренот.