За Државниот завод за геодетски работи

Државниот завод за геодетски работи е самостоен државен орган задолжен да ги извршува геодетските работи и да ги запишува правата на недвижностите. Основан е на 28.07.1947 година од страна на Владата на Република Македонија. Својата функција ја извршува преку подрачни одделенија лоцирани во 29 поголеми града во Република Македонија и централа сместена во главниот град – Скопје. Во ДЗГР работат вкупно 830 лица на територијата на целата држава.

Согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000) во надлежност на Државниот завод за геодетски работи се работите на премерот, катастарот, одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите.

Поглед на зградата на Државниот завод за геодетски работи на Република Македонија

Оперативните теренски геодетски работи, врз основа на добиени јавни овластувања, ги вршат трговци поединци - овластени (лиценцирани) геодети и трговски друштва за геодетски работи (приватни геодети).

Катастар на недвижности

Катастарот на недвижностите е збир на податоци од премерот, катастарското класирање на земјиштето и на утврдените права на недвижностите. Премерот и катастарот на недвижностите ги опфаќа и промените на недвижностите и на правата на недвижностите што настануваат по извршениот премер, односно по установувањето на катастарот на недвижностите (одржување на премерот и катастарот на недвижностите).

Под недвижности се сметаат: земјиште, згради, посебни делови од згради и други објекти изградени на земјиштето. Катастарот на недвижностите служи за стопански, научни, управни, статистички, даночни и урбанистички потреби, заштита на правата на недвижностите, изготвување на посебни евиденции на недвижностите и за други потреби на државните и други органи, претпријатијата, другите правни лица и на граѓаните.

Со премер на недвижностите се обезбедуваат податоци за хоризонтална и вертикална претстава на земјиштето и други податоци за земјиштето, податоци за зградите, посебните делови од згради и други објекти и за носителите на правата на недвижностите на територијата на Република Македонија.

Премерот опфаќа: основни геодетски работи; поставување мрежи на геодетски точки; утврдување на катастарски единици; снимање на недвижностите и изготвување оригинали на геодетски планови.

По извршениот премер, се врши катастарско класирање на земјиштето, се запишуваат правата на недвижностите и се установува катастар на недвижности.

Во катастарот на недвижностите се запишуваат следните права: правото на сопственост, стварните и личните службености, товарите и ограничувањата и други права за кои запишувањето е определено со закон. Запишувањето на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите е задолжително и се врши по службена должност или по барање на странката. За запишување на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите по барање на странка се плаќаат надоместоци, а запишувањето по службена должност е ослободено од плаќање на надоместоци. Висината на надоместоците се утврдува со тарифник кој го донесува Владата на Република Македонија.
Установувањето на катастарот на недвижности опфаќа: излагање на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите и изготвување на катастар на недвижностите.

Катастарот на недвижностите се изготвува врз основа на податоците прибавени со премерот и катастарското класирање на земјиштето и утврдените права на недвижностите, за секоја катастарска општина.

горе