Агенција за катастар на недвижности

За вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со геодетско-катастарскиот информациски систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторни податоци, основана е Агенција за катастар на недвижности (АКН). АКН има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со Законот за катастар на недвижности, а за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. АКН работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, транспарентност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.


Надлежност на АКН е: 


  - формирање и управување со геодетско-катастарскиот  информациски систем;

  - вршење основни геодетски работи;

  - вршење премер на недвижностите;

  - запишување права на недвижностите;

  - востановување и одржување на катастарот на недвижностите;

  - геодетски работи за посебни намени од значење за Република Македонија, утврдени од Владата на  Република Македонија;

  - изготвување државни топографски карти;

  - водење регистар на просторни единици;

  - воспоставување, одржување и овозможување јавен пристап до националната инфраструктура на просторни податоци;

 - вршење надзор на работењето на трговците-поединци (овластени геодети) и на трговските друштва за геодетски работи.


Со АКН управува Управниот одбор кој  е составен од пет члена, и тоа: по еден член по предлог од Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Со АКН раководи директор кој има свој заменик.