Регионален проект - Strengthened Professional Access To Information About Land (SPATIAL) in the Western Balkan Region

17.03 2017

 

Во периодот  15 - 17.3.2017 година во првична мисија на Агенцијата за катастар на недвижности беа претставници од Холандската агенција за катастар, земјишна регистрација и картографија г-ѓа Дијкстра, регионален менаџер за меѓународна соработка и г. Хаико ван дер Вегт, проектен менаџер. Во рамките на првата мисија беше подготвен План за имплементација на проектот за периодот  март 2017 – декември 2018 година. Планот за имплементација е составен од три компоненти, и тоа:
  • НИПП-компонента;
  • Адресен регистар;
  • Институционално зајакнување на Агенцијата за катастар на недвижности;
 


Во рамките на проектните компоненти се планирани активности поврзани со одржување на национални и регионални работилници, како и техничка поддршка од областа на воспоставувањето на моделот на системот на адреси во Република Македонија, понатамошно градење на капацитетите на Агенцијата за катастар на недвижности и останатите засегнати страни на НИПП преку обезбедување специфични тренинзи  и обуки, поддршка за подготовка на законските и подзаконските акти од областа на транспозиција на ИНСПИРЕ-директивата, Адресниот регистар и  масовната проценка, како и техничка помош во процесот на автоматизација на работните процеси во областа на картографијата.



Очекуваните резултати од овој проект се:

  • зголемено користење на геопросторните податоци и сервиси преку  националниот геопортал на Република Македонија;
  • имплементација на Адресниот регистар во Република Македонија;
  • зајакнати институционални и организациски капацитети на Агенцијата за катастар на недвижности;
  • користење на геопросторните информации за масовна проценка;
  • зајакната свесност и познавање на концептот на отворени податоци.


Регионалниот проектот - Strengthened Professional Access To Information About Land (SPATIAL) in the Western Balkan Region - е финансиран од страна на холандското министерство за надворешни работи во рамките на МАТРА-претпристапната програма. Преку регионалниот проект МАТРА се планира да им се помогне на земјите од регионот во процесот на хармонизирање и подобрување на пристапот до расположливите геопросторни информации. 
Проектот ќе се имплементира во периодот 1 јануари 2017 година - 31 декември 2018 година, а вкупниот проектен буџет е 530.000 евра и конципиран е во три проектни компоненти: проектна компонента за Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, проектна компонента за  Геодетскиот завод на Република Србија и регионална проектна компонента.