Отпочнување на активностите за воспоставување Адресен регистар во Р Македонија

17.03 2017

 

Денес со потпишување на Договорот за подготовка на податоци и развој на апликации за теренско прибирање адресни податоци со компанијата ГДи ГИСДАТА - Скопје, официјално отпочнуваат активностите за воспоставување на нов Адресен регистар на Република Македонија.
Во овој момент, согласно со законската регулатива во Република Македонија постојат повеќе бази на адресни податоци кои содржат само атрибутен дел, но не е вклучена географската компонента за визуелен приказ на  улиците и куќните броеви. 
 
 
Денес во подготовка се недоволно прецизни законски и подзаконски одредби, недоволно прецизни стандарди за испишување на називите на улиците, како и отсуство на стандарди за нумерирање на поединечни типови објекти, како на пример: објекти коишто се наоѓаат вон населено место, покрај некој регионален пат, магистрален пат или автопат, трговски центри и др.
Од тие причини, Владата на Република Македонија одлучи дека треба да се воспостави нов Адресен регистар за сите населени места во РМ, во една централна база, во согласност со новите европски стандарди.
Во 2015 година беше формирана работна група составена од претставници на Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги, Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности која изработи нов предлог-закон за Адресен регистар во кој е транспонирана европската директива во делот на просторните податоци, стандардизацијата и интероперабилноста.
 
 
Во новиот Адресен регистар кој од денес започнуваме да го имплементираме, ќе биде целосно транспонирана деталната спецификација за адресни податоци донесена од Европската Унија во  2014 година.
При имплементацијата на Адресниот регистар благодарејќи на МАТРА-проектот финансиран од Кралството Холандија, Агенцијата ќе има експертска и техничка поддршка од  стручни лица од холандскиот катастар. 
Со потпишувањето на договорот, изведувачот има обврска да направи анализа и подготовка на адресните податоци од постојните бази од повеќе државни институции за нивна теренска проверка, преку изработена мобилна/таблет апликација со која на брз и ефикасен начин ќе се потврдуваат постојните адресни податоци и ќе се прибираат нови.
Теренско прибирање адресни податоци ќе се направи во четири пилот-општини во државава, и тоа во Скопје ќе биде опфатен дел од општините Кисела Вода и Зелениково, потоа во општините Свети Николе и Гостивар. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните и компаниите за максимална поддршка и соработка.
 
 
Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државава. Тој ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со Регистарот на просторни единици. На тој начин, заинтересираните субјекти ќе имаат можност сите информации поврзани со адресите да ги добијат по електронски пат на брз и ефикасен начин од Агенцијата за катастар на недвижности.
Врз основа на воспоставениот Адресен регистар за определено населено место ќе се направи нумерирање и обележување на утврдените адреси на терен, од страна на општините. Вредноста на договорот е 113.000 евра и е предвидено новиот Адресен регистар за четирите пилот-општини да биде завршен до крајот на 2017 година.