Прашања и одговори


1. Како да го регистрирам мојот имот, т.е. како да извадам имотен лист?
2. Имам поседовен лист, но истиот не ми го признаваат како валиден документ со кој можам да ја докажам сопственоста врз мојот имот. Што е разликата меѓу поседовен и имотен лист?
3. Веќе подолго време не можам да извадам имотен лист. Зошто е толку долга постапката? Кој е законски рок за добивање одговор на поднесеното барање?
4. Кога точно граѓаните ќе добијат побрза и поефикасна услуга од Катастарот?
5. Зашто работите од областа на оперативната геодетска работа не ги врши АКН, туку ги вршат приватните геодетски фирми? Зошто цената кај приватниците е повисока?
6. Дали АКН врши контрола врз работата на приватните геодетски фирми?
7. Еден пријател ми рече дека, за да ја завршам побрзо работата, треба да понудам поткуп на службеникот. Каде да се пријават случаите на корупција и дали тоа ќе влијае на мене?
8. Каде можам да добијам информации за потребни документи за добивање услуга од Катастарот?
9. Дали физичко лице има право да поднесе барање во врска со денационализација?
10. Што е поединечен упис и штo е потребно за поединечен упис?
11. Зошто Катастарот не врши премер?
12. Како можам да добијам информации за предмет од второстепена комисија?
13. Дали може да се извади имотен лист во Скопје за имот што се наоѓа во друг град?
14. Каде можам да добијам информации за постапка за приватизација на земјиште?



Прашање: Како да го регистрирам мојот имот, т.е. како да извадам имотен лист?
Одговор: За да докажете дека сте сопственик на одреден недвижен имот (земјиште, куќа, стан, деловен простор...), морате да имате имотен лист во кој е запишан вашиот недвижен имот. Запишувањето на правата на вашиот недвижен имот го врши Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) преку Центарот за катастар на недвижности - Скопје и 29-те одделенија за катастар на недвижности низ Републиката, и тоа по службена должност (бесплатен упис) и на ваше барање (со надоместок). Процедурата за бесплатно запишување е едноставна: треба само да се јавите и да извршите увид на податоците за вашиот недвижен имот во одредено време, на одреден датум и на одредено место, објавени во јавниот оглас, и да ги донесете сите документи со кои ќе го докажете вашето право на сопственост. Тоа се: договор (за купопродажба, за подарок, за размена, за доживотна издршка и за распределба на имот за време на живот); судска пресуда, спогодба или наследно решение; градежно-техничка документација со проект, тапија и слично. Документацијата што ја приложувате како доказ за запишување на вашето право треба да биде оригинал или заверена на нотар. По увидот во документацијата, доколку истата е целосна и исправна и нема никакви законски пречки, вашиот имот ќе се запише во катастарот на недвижности. Доколку, од кои било причини, не сте се јавиле на јавниот оглас, со што сте пропуштиле бесплатно да го запишете вашиот имот во катастарот на недвижности или вашиот имот е запишан во катастарот на земјиште, а сакате да го запишете во катастарот на недвижности заради добивање имотен лист, ова право можете да го остварите врз основа на ваша пријава, придружена со целокупната документација со која ќе го докажете правото на сопственост, а за тоа се плаќа одреден надоместок.

Горе



Прашање: Имам поседовен лист, но истиот не ми го признаваат како валиден документ со кој можам да ја докажам сопственоста врз мојот имот. Што е разликата меѓу поседовен и имотен лист?
Одговор: Имотниот лист е јавна исправа со која се докажува запишаното право на сопственост и други стварни права на недвижностите во согласност со закон. Имотниот лист содржи податоци за: катастарските парцели, зградите и посебните делови од зградите и други објекти, носителите на правата на недвижностите, правото на сопственост и други стварни права на недвижностите, како и други права чие запишување е утврдено со закон, правната основа на запишување, висината на побарувањето што се обезбедува со заложното право, предбележувања и прибележувања. Во поседовниот лист се содржани податоци за земјиштето, односно за катастарските парцели и нивните корисници во согласност со Законот за премер и катастар на земјиште, и истиот не е доказ за запишаното право на сопственост.

Горе



Прашање: Веќе подолго време не можам да извадам имотен лист. Зошто е толку долга постапката? Кој е законски рок за добивање одговор на поднесеното барање?
Одговор: Доколку вашиот недвижен имот е запишан во катастарот на недвижности, на ваше барање можете да добиете имотен лист истиот ден. Доколку, пак, вашиот имот не е запишан во катастарот на недвижностите, ќе треба да поведете постапка за запишување во катастарот на недвижности, која трае 15 дена. По истекот на рокот, на ваше барање можете да добиете имотен лист.

Горе



Прашање: Кога точно граѓаните ќе добијат побрза и поефикасна услуга од Катастарот?
Одговор: Вработените во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) интензивно и сериозно работат на неговото осовременување со цел истиот да прерасне во професионален, ефикасен и брз сервис на граѓаните. За таа цел во тек се сеопфатни измени на процедурите на работа, на односот кон корисниците на услугите, на транспаретноста и на елиминирање на сите можности од евентуална злоупотреба. Ваквите реформи се во полн ек. Интенција на сите вработени во Катастарот е корисниците уште веднаш да добијат најдобра можна услуга во рамки на дефинираните законски надлежности и капацитети со кои располага институцијата во моментов.

Горе



Прашање: Зашто работите од областа на оперативната геодетска работа не ги врши АКН, туку ги вршат приватните геодетски фирми? Зошто цената кај приватниците е повисока?
Одговор: Во согласност со измените и дополнувањето на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижности, во 2005 год. е воведена приватна геодетска дејност за вршење на оперативните (теренски) геодетски работи од премерот, со цел да се забрза постапката на запишување во катастарот на недвижностите. Вакво законско решение е предвидено и во новиот Закон за катастар на недвижности. Во делокруг на работата на приватните геодетски фирми спаѓаат: делба на парцели и спојување парцели, снимање на промените настанати со изградба и доградба на објекти, подготвување нумерички податоци, изработка на геодетски елаборат за запишување во катастарот на недвижности, изработка на геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени, кои се од влијание за одржување на катастарот на недвижностите, како и вештачењата. По дефиниција, приватниот сектор има многу поголем мотив да ги завршува теренските работи брзо и ефикасно затоа што така за пократко време ќе заврши поголем број предмети, а тоа значи поголем приход за нив. Приватните геодети за извршените работи наплаќаат надоместок. Висината на надоместокот за извршени услуги на приватните геодети се утврдува според обемот и сложеноста на работата, оддалеченоста и теренските услови. Воведувањето на приватната геодетска пракса, покрај за директен бенефит за граѓаните, придонесува и за намалување на бројот на државната администрација, што значи заштеда во државната каса, вклопување на стандардите на Европска унија и развој на пазарната економија.

Горе



Прашање: Дали АКН врши контрола врз работата на приватните геодетски фирми?
Одговор: Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) врши надзор на законитоста на работењето на трговците-поединци (овластени геодети) и на трговските друштва за геодетски работи во постапка по службена должност или по пријава на странка. При вршење на надзорот се утврдува дали фирмата работи во согласност со Законот и со подзаконските акти. Доколку се утврди дека постојат одредени неправилности и незаконитости во работењето на приватната геодетска фирма, АКН ќе донесе решение за одземање на лиценцата за вршење геодетски работи. АКН врши и контрола на валидноста на податоците што ги користела приватната геодетска фирма преку заверка на геодетските елаборати. Дополнителна гаранција поврзана со ангажирањето на приватната геодетска фирма е обврската на приватната фирма, пред да започне со работа, да се осигура од одговорност за штетата што би можела да им ја причини на трети лица при вршењето на работите.

Горе



Прашање: Еден пријател ми рече дека, за да ја завршам побрзо работата, треба да понудам поткуп на службеникот. Каде да се пријават случаите на корупција и дали тоа ќе влијае на мене?
Одговор: Ние во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) сме целосно свесни за тоа дека во јавноста е раширено мислењето, според кое, за да завршиш работа во Катастар, потребно е да понудиш поткуп. За да ја надминеме оваа состојба, од неодамна функционира бесплатна телефонска линија - 0800 80 800, преку која граѓаните можат да пријават случај на корупција и да го посочат службеникот што побарал поткуп од нив. Дискрецијата од јавувањето на таа линија е загарантирана. На овој начин ние ги охрабруваме граѓаните да ни помогнат да ги откриеме сите понатамошни обиди за корупција. Истовремено, ги подобруваме перформансите (брзината и ефикасноста) во нашето работење, со скратување и поедноставување на процедурите и унапредување на односот на нашите вработени кон корисниците на услугите.

Горе



Прашање: Каде можам да добијам информации за потребни документи за добивање услуга од Катастарот?
Одговор: Во насока на реформирање на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), преземени се низа конкретни активности чија цел е зголемување на достапноста и протокот на информации за потребните документи, процедурата и времетраењето за добивање одредена услуга. Од неодамна информации можат да се добијат на бесплатниот телефонски број 0800 80 800, отворена е и специјална телефонска линија за инвеститори, а, како што можете да се уверите, целосно е редизајнирана нашата веб-страница, која сега ги нуди сите потребни информации за нашите услуги, и преку неа можете да поставите прашање на кое добивате одговор во рок не подолг од 24 часа. Исто така, направени се неколку дополнителни чекори во самите канцеларии (шалтери) на АКН со цел граѓаните поедноставно и подобро да се информираат за услугите што ги нудиме и за документите што се потребни за нив. Се случува граѓаните да не знаат зошто им се потребни овие документи, па затоа спроведуваме и медиумска кампања за информирање за правата и обврските на граѓаните и за тоа како тие полесно да ги остварат.

Горе



Прашање: Дали физичко лице има право да поднесе барање во врска со денационализација?
Одговор: Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) не е институција во која се поднесуваат барањата за денационализација, иако, како орган, учествува во утврдување на фактичката состојба со недвижностите што се предмет на оваа постапка. Надлежна институција за спроведување на денационализацијата е Министерство за финансии, Управа за имотно-правни работи, до која се поднесуваат барањата за денационализација.

Горе



Прашање: Што е поединечен упис и штo е потребно за поединечен упис?
Одговор: Поединечен упис (поединечно запишување) се прави за недвижности во катастарски општини во кои не е востановен катастар на недвижности, односно во сила е катастар на земјиште. Потребни документи за запишување се: - пријава во писмена форма, - административна таксена марка од 50 денари, - доказ за платен надоместок за услугата во висина од: • 500 денари за една катастарска парцела, • 150 денари за еден индивидуален објект во парцелата, • 500 денари за стан во колективна зграда, • 1250 денари за еден деловен простор, - правна основа за запишување, - геодетски елаборат. Бројот на сметката на која треба да го уплатите надоместокот за добивање на оваа услуга од АКН ќе го добиете на шалтерот за информации во подрачното одделение на АКН или на нашата интернет-страница во полето „Како до нашите услуги”.

Горе



Прашање: Зошто Катастарот не врши премер?
Одговор: Согласно со Законот за катастар на недвижности, „Службен весник на РМ” бр: 40/2008, теренските геодетски работи што се однесуваат на основните геодетски работи и премерот ги вршат приватните геодетски фирми, односно трговци-поединци (овластени геодети) и трговски друштва за геодетски работи.

Горе



Прашање: Како можам да добијам информации за предмет од второстепена комисија?
Одговор: Информации во врска со постапката по предмети што се препратени до Владата на Република Македонија - Комисија за решавање управни работи од втор степен од областа на премерот, катастарот и запишување на правата на недвижностите, не можат да се добијат од АКН, туку само од наведената комисија.

Горе



Прашање: Дали може да се извади имотен лист во Скопје за имот што се наоѓа во друг град?
Одговор: Во моментов не постојат технички услови за издавање имотен лист во Скопје за имот што е запишан во други подрачни одделенија. Тоа ќе биде можно со имплементација на новиот електронски систем и со поврзување на сите одделенија на ниво на Република Македонија.

Горе



Прашање: Каде можам да добијам информации за постапка за приватизација на земјиште?
Одговор: Информации во врска со постапката за приватизација на градежно земјиште можете да добиете во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии.

Горе

Најчесто поставувани прашања