Востановен Ден на Националната инфраструктура на просторни податоци

Востановен Ден на Националната инфраструктура на просторни податоци

Денеска, на 24.2.2020 година, во Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија пред стручната и професионалната јавност, пред дваесетината институции кои ја сочинуваат Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) и пред гости од државата и од Шведска, го промовираше 24 февруари како Ден на НИПП во Република Северна Македонија.

Функционирањето на НИПП е регулирано со Законот за нациoналната инфраструктура на просторните податоци. Овој Закон е усогласен со Европската директива бр. 2007/2/ЕЗ (ИНСПИРЕ). Претставува збир од метаподатоци, збирки на просторни податоци и услуги за просторни податоци, технологии, договори за размена, пристап и користење, механизми, процеси и постапки за координација и следење.

Агенцијата за катастар на недвижности е надлежна за воспоставување и одржување на пристапот до геопорталот за НИПП, како и за одржување на услугите за метаподатоци, водењето на регистар на метаподатоци и обуки поврзани со нив.

Во рамките на Националниот геопортал, сите членови на Советот на НИПП кои располагат со просторни податоци се должни да извршат публикување на метаподатоците, на збирките на просторни податоци и услугите за просторни податоци. Публикувањето на метаподатоци, збирки на просторни податоци и услуги за просторни податоци, се вршат согласно националните и европските – ИНСПИРЕ прифатени стандарди.

Отварајќи го настанот, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, м-р Борис Тунџев, истакна: „Геопросторните податоци се дел од агендата на Обединетите нации за одржлив развој до 2030 година, која повикува на глобално координирани активности во процесот на прибирањето и интеграцијата на новите податоци. Улогата на овие податоци дополнително се зголемува, затоа што тие овозможуваат намалување на ризикот од катастрофи и го зајакнуваат пристапот до платформите со геопросторни податоци.

24 февруари ќе биде денот на НИПП во Северна Македонија. На овој ден ќе се споделуваат постигнувањата, но и ќе се прават сериозни дебати за потребите за понатамошен раст и промоција на НИПП“, додаде Тунџев, со што објави дека Денот на НИПП во нашата држава ќе биде традиционален.

Намерата со прогласувањето на овој Ден на НИПП е секоја наредна година на овој ден, Субјектите во НИПП и засегнатите страни да имаат можност да се соберат на едно место и да разговараат за актуелностите во НИПП, да ги презентираат постигнатите резултати и најдат заеднички сили да ги надминат детектираните слабости.

Презентациите од одржаниот настан можете да ги најдете на следните линкови (линк1, линк2, линк3, линк4, линк5, линк6, линк7).