Официјално започна со работа проектот СПАТИАЛ 2

Официјално започна со работа проектот СПАТИАЛ 2

Во периодот од 5-7 февруари 2020 година, во Скопје, се одржа ИГИФ работилница, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности, насловена како: „Зајакнување на професионалниот пристап до информациите за земјиштето во регионот на Западен Балкан“ (SPATIAL 2). Беа присутни претставници од регионот, како и од сродните вклучени меѓународни институции, Холандскиот, Норвешкиот и Шведскиот катастар.

Во средата, на 5 февруари настанот го отвори директорот на Агенцијата за катастар на недвижности м-р Борис Тунџев кој истакна: „Од огромно значење за нас е што ИГИФ – Интегрираната рамка за геопросторни информации, обезбедува основа и упатство за развој, интегрирање, зајакнување и максимизирање на управувањето со гео-просторни информации и сродните ресурси. Што таа им помага на земјите во премостувањето на гео-просторната дигитална поделеност, во обезбедувањето социо-економски просперитет. Токму од сево ова нашата земја има потреба и можам да кажам дека сме на вистинското место во вистинско време“.

Во текот на првиот ден секоја агенција ги претстави своите приоритети и клучни области во кои очекуваат поддршка од страна на проектот СПАТИАЛ 2 и беше изработен акциски план за проектот.

Во четвртокот пак, на 6 февруари, директорот на АКН ги поздрави гостите и истакна дека: „Како регионален проект, посебно сум задоволен што има посебна компонента за Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија. Затоа што оваа претпристапната програма е од посебно значење за нашата држава“.

Потоа, се обрати гостинот Амбасадорот на Кралството Холандија, г. Коп, кој рече: Проектите како овој се значајни за продолжувањето на поставување на катастрите од регионот на професионала основа, во што придонесуваат нашите заеднички Европски видувања за напредната транспарентност, добро владеење и владеење на правото“.

На крајот, генералниот секретар на Еурогеографикс, Мајк Кори, ја поздрави оваа иницијатива со зборовите: „Вие ја исполнивте суштинската улога за обезбедување на официјални и детални геопросторни информации, за значајни јавни цели. Оваа важна улога е прикажана во студиите на случај наведена во годишниот преглед на ЕутроГеографикс. Овие студии на случај ни покажуваат како вашата работа помага во реализирање голем опсег на социјални, економски и придобивки во окружувањето.

Иницијативата на УНГГИМ за развој на рамка за интеграција на геопросторни информации дава широк потенцијал за веродостојни податоци“.

На последниот ден на оваа работилница, секоја група посебно имаше своја презентација. За состојбата и потребите, за комуникациите потребни за остварувањето на целите, видливост и достапност на податоците. Заклучокот на сите присутни е дека овие три дена беа навистина плодни. Се нотираа многу потреби, беа забележани многу идни, неопходни чекори и беше зацврстена регионалната соработка.