Промовиран Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба

Промовиран Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба

Денеска, на 26 декември, 2019 година, во просториите на Агенцијата за катастар на недевижности на Република Северна Македонија, беше одржана средба со новинарите на која беше презентиран Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба (имотите кои се одземени поради долг).

Ова е новина која за прв пат се воведува во нашата држава, а ќе ја користат сите граѓани и инвеститори.

Законски услови за воспоставување и водење на овој Регистар се создадени со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/2019). Од страна на Агенцијата за катастар на недвижности Е-Кат системот беше надграден со нова функционалност преку која ќе се полни и одржува овој регистар.

Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба го води Агенцијата за катастар на недвижности, но врз основа на податоците доставени од субјекти кои ги преземале недвижностите, а тоа може да се: Агенција за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др. Недвижностите наменети за продажба се оние што тие ги добиле во постапка при наплата на побарувања или по други основи.

Регистарот содржи просторни податоци (координати на деталните точки што ја дефинираат недвижноста во рамките на единствениот државен референтен систем и државната картографска проекција) и описни податоци (катастарска култура и класа на земјиштето, викано место, број на зграда или посебен, односно заеднички дел од зграда и друг објект, влез, кат, површина, волумен, идентификатор и тип на инфраструктурните објекти, должина/висина, вредност и друго) за овие недвижности, како и податоци за субјектот кој ги ги поседува недвижностите.

Катастарот нема да има увид во цената по која банката ќе ја врши продажбата, ниту пак во динамика за продажба на имотот. Тоа ќе го ажурираат комерцијалните банки, а во регистарот ќе биде евидентирана продажбата кога ќе биде реализирана. Од моментот на воспоставување или продажбата на самата недвижност таа ќе биде тргната од регистарот.

Во Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба до денеска деловните банки имаат доставено податоци за 1.207 станови и деловни простории, како и за 278 парцели со градежно и земјоделско земјиште.