АКН го презентираше проектот „Соработка за дигитална демократија“, и ја промовираше Студијата за избор на државната картографска проекција

АКН го презентираше проектот „Соработка за дигитална демократија“, и ја промовираше Студијата за избор на државната картографска проекција

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија на 25 септември 2019 година, во Клуб на пратеници, во Скопје, го презентираше проектот „Соработка за дигитална демократија“, финансиран од страна на Владата на Кралството Шведска, а ја промовираше и Студијата за избор на државната картографска проекција, чиј автор е професор Златко Србиноски, декан на градежниот факултет во Скопје.

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Лантматериет (Шведскиот катастар) во 2018 година добија финансиска поддршка од Шведската меѓународна развојна агенција (Swedish International Development Agency – SIDA) за имплементација на проектот „Соработка за дигитална демократија“. Проектот е организиран во пет компоненти и ќе се имплементира во периодот 2019 – 2023 година, а вкупниот износ на донацијата е 23.710.406 шведски круни (околу 2.5 милиони евра).

На настанот присуствуваше Министерот за транспорт и врски, г. Горан Сугарески, кој во своето обраќање истакна дека:

„Дигиталната ера нуди нови можности да ги зајакнеме главните принципи по кои се водиме како Влада, а тоа се транспарентност, ефективност и респонзивност на сите државни институции. Наша должност е да создадеме соодветна легислатива и услови за имплементација на новите технологии и дигитални алатки, во насока на модернизација и унапредување на услугите кои ги нудат јавните инстутиции, олеснување на пристапот до информации од интерес за граѓаните и деловните субјекти, како и брзина и ефикасност во спроведување на процесите.

Во време кога Министерството за транспорт и врски ја прави најголемата реформа во делот на Просторното планирање, верувам дека овие дигитални алатки ќе бидат од огромна корист при спроведувањето на овие промени и обезбедувањето на корисниците со потребните информации.

Затоа, како Влада посебно се фокусираме на зголемување на капацитетот на Катастарот со цел да постигнеме поквалитетно ниво на услуги.

Уверуваме дека и понатаму ќе работиме на унапредување и модернизација на државните институции преку имплементацијата на новите технологии, стандарди и процеси.“

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, г. Борис Тунџев, потенцираше дека:

„Со помош на пријателите од Шведска работиме на тоа да ги подобриме сервисите и работни перформанси на Агенцијата за катастар на недвижности.

Геодезијата, а со самото тоа и Катастарот на недвижности се жива материја, процес на секојдневно учење и подобрување на знаењата и перформансите во работењето. Ако една генерација започна да работи со основни теодолити, сега веќе сме блиски со сателитите и многу други современи напредни технологии. Токму за подобрувањето на нашите стручни перформанси и одржувањето на потребното ниво на знаење, Агенцијата за катастар на недвижности континуирано вложува во едукацијата и во справувањето со новите, напредни техники и технологии. Токму водени од оваа мисла, во 2018 година, заеднички со Лантматериет (Шведскиот катастар) Аплициравме и ја добивме финансиската поддршка од Шведската меѓународна развојна агенција – Сида, за имплементација на овој проект, кој амбициозно го нарековме „Соработка за дигитална демократија“.

Она што е битно за нашата држава е дека преку овој проект Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија ќе добие континуирана едукација, подобрување на техниката и перформансите и тоа во пет компоненти, преку чие усовршување ќе бидеме уште подобри како организација.“

Во вториот дел беше презентирано делото на професор Златко Србиноски „Студија за избор на нова државна картографска проекција на Република Северна Македонија“, која ќе го даде одговорот на прашањето која државна картографска проекција е најсоодветна за територијата на Република Северна Македонија и таа треба да придонесе кон конечниот избор на новата државна картографска проекција кај нас.